Македонија - земја увозник ќе ја учи Украина - земја извозник како да ги приспособат земјоделските политики со ЕУ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,Љупчо Николовски ќе му биде домаќин заменик-министерот за земјоделска политика и храна на Украина, Маркијан Дмитрасевич. Причина за ваквата посета е што Македонија според Николовски е посочена како една од земјите која е на најнапредно ниво во делот на усогласеноста на земјоделскиот сектор со европските земјоделски политики и законодавство и користењето на средствата од ИПАРД во однос на другите земји кандидати за членство во ЕУ. Од некогаш заробена и изолирана држава, рече Николовски, денес Македонија е земја пример, која своето искуство го пренесува на другите земји.

„Ми преставува особена чест што нашето искуство ќе имаме можност да го споделиме токму со украинската делегација, со цел полесно да ги приспособат своето земјоделство и политиките кон барањата на Европската Унија“, изјави министерот Николовски.

Украина е во почетна фаза на правните приспособувања кон законодавството на Европската Унија во делот на Законот за земјоделството, воспоставување платежна агенција и ИАКС, како и користење на претпристапните средства од ЕУ.

„Работната посета на украинската делегација треба да ѝ овозможи размена на македонските искуства за успешно воспоставување на политиките и системите во делот на Интегрираниот систем за администрација и контрола на државната поддршка во земјоделството и руралните средини (ИАКС), искуствата од воспоставување ЕРЗС, ЛПИС и ФАДН, подготовките за користење на ИПАРД-програмата и функционирањето на Платежната агенција“, изјави министерот Николовски.

За време на официјалната посета, украинските колеги, ќе остварат посета на Платежната агенција, а на теран презентирана ќе биде успешна ИПАРД-приказна, претставена преку винарницата „Мовино“ во Росоман. Дополнително, украинските колеги ќе бидат запознаени со функционирањето на подрачните единици на Министерството, како и со придобивките од спроведувањето на процесот за консолидација на земјишните парцели во Пелагонија.