Љупчо Палевски сменет од претседател на ДЕСНА, ОЈО нема поведено постапка за дерегистрација

Љупчо Палевски не е повеќе претседател на Десна а на сите оние кои се поврзани со убиството на Вања и Панче им се замрзнати членството и функциите. На местото на Палевски за нов претседател е избран Тони Алексовски основач и член на Десна.

- “Десна цврсто и решително продолжува по промакедонскиот курс, преку спроведување на редовните партиски активности, во прв ред борбата за зачувување на името и статусот на МПЦ - ОА, иницијативата за Референдум за раскинување на штетниот антимакедонски Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и подготовка за претседателските и парламентарните избори“, посочуваат од партијата.

Веднаш после откривањето на убиствата имаше повици оваа партија да биде дерегистрирана. Од ОЈО велат дека таква постапка кон оваа партија не е поведена. За да се направи такво нешто треба да се исполнат одредени законски основи.

Палевски уште е во екстрадиционен притвор во Турција каде беше уапсен во декември месец. Постапката за негово враќање во Македонија е сеуште во тек. Останатите вмешани во убиствата кои ја потресоа јавноста се во притвор.