Летна градежна офанзива на скопските сообраќајници

Како и претходните, така и оваа година летниот период ќе се искористи за поголема градежна офанзива поради летните одмори и намалената фреквенција на луѓе и ќе се реализираат голем број на капитални инфраструктурни проекти на територијата на сите 10 општини во Скопје.

Булеварот „Партизански одреди“ на потегот од раскрсницата со улицата Франклин Рузвелт до раскрсницата со булеварот „8 Септември“ ќе се реконструира за што од буџетот на Град Скопје ќе бидат инвестирани околу 29,2 милиони денари.

На почетокот на градежните активности денеска увид изврши градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој изјави дека планирано е да се нанесат два слоја асфалт на шесте ленти во должина од околу 900 метри или околу 1.900 метри во двата правца.

Градежните работи е планирано да траат 90 дена, но, градоначалникот Трајановски се надева дека ќе завршат побрзо.

- Како и претходните, така и оваа година летниот период ќе се искористи за поголема градежна офанзива поради летните одмори и намалената фреквенција на луѓе и ќе се реализираат голем број на капитални инфраструктурни проекти на територијата на сите 10 општини во Скопје, рече Трајановски.

Со реконструкцијата се очекува да се зголеми безбедноста на сообраќајот. Надлежните апелираат до учесниците во сообраќајот да се придржуваат до времено поставениот режим на сообраќај.