Лазаров: Економијата меѓу Македонија и Бугарија е најлесниот пат до решението меѓу двете земји

За првиот човек на македонско-бугарската стопанска комора Кирил Лазаров,единствениот и засега најлесен пат до решението меѓу Македонија и Бугарија е економијата. 

Тој во интервју за порталот Локално вели дека сериозните инвеститори нема да сакаат да инвестираат во земја која нема јасен патоказ и преспектива кон ЕУ, и како што вели, не еден туку сто берлински процеси да има.

За Лазаров е дегутантно да зборува за историја и политика бидејки тоа како што вели, на бизнисмените им создава чувство на назадување, на стагнација и отсуство на визија за иднината.

-Имаме два избора, економска платформа која проектирa здрава иднина или историски бесконечни наративи кои проектират минато без перспектива, вели Лазаров во интервјуто. 

Во исчекување на прецизни бројки за инвестициите во 2021 г. заедничката соработка, тврди би била од взаемна корист.

-Бугарија е многу напред во користење на фондови за туризам, земјоделие, енергетика и можеме многу да научиме од нив, истото важи и за нив, нивните пари, капитал, интереси нека ги оплодат тука, наместо некој друг. Стратешко партнерство се заслужува, не се наметнува. На крај, од поголемиот брат се очекува да пружи рака наместо блокада, заклучува Лазаров. 

Во однос на закажаната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје, Лазаров вели дека немаме друг избор, освен оптимизмот. 

-Не гледам друг избор, алтернатива или било која резервна варијанта. Не дали треба или сакаме, туку новиот свет наметнува дека МОРАМЕ.Ќе си дозволам да коментирам малку геополитика, официјална Софија често милува да каже дека клучот односно патот на Македонија е преку Софија, во ред, но и одговорноста за можна нестабилност или мешање на други регионални и геополитички сили кои не делат исти вредности со ЕУ ќе бидат  тие што го имаат клучот. Газда без одговорност не постои, клучот е во Софија и за можноста овие народи место да соработуваат да се замразат и за последиците ќе одговара кај оној кај што е “клучот“. Јас мислам дека клучот е кај Брисел и Вашингтон, но до кога со странски помагачи? Доволно сме зрели и рационални за сами да се договориме ако имаме европски дух, вели претседателот на македонско-бугарската стопанска комора Кирил Лазаров.