Ковачевски со прва јавна изјава за документарецот на ИРЛ, вели вистината треба да ја знаат сите

Шефот на обвинителите, Љубомир Јовески е професионалец од браншата и стои на располагање на Собранието да ги даде сите информации за сите случаи, како и за модуларната болница. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски по вчерашните протести. Тој додаде дека вистината треба да ја знаат сите.

„Шефот на јавното обвинителство е избран во Собрание, тој е професионалец од браншата. Тој има своја кариера во рамки на Обвинителството. Ингеренциите се во рамки на Собранието и тоа може да постави прашање до било кој обвинител, а пред се до главниот обвинител. Сметам дека тој треба апсолутно да биде на располагање за кој било случај, а особено за овој случај, кој беше еден од најтрагичните настани. Вистината треба да ја знаат сите“, рече Ковачевски.

Според него, правосудните органи треба да работат на случајот кога има прекршување на процедури.

„Сето тоа што вие го кажувате е предмет. Вицепремиерот за добро владеење кога ќе добие документи ги доставува до институциите. Има задолжени правосудни органи кога има прекршување на процедури. Ниту една личност не може да биде во подобар третман од било кој друг“, додаде Ковачевски.

Тој е дециден дека сите документи побарани за изградба на модуларната болница во Тетово, биле доставени до надлежните органи. Во однос на вештачењата, вклучувајќи го и германското, тие не ги поседувало Влада и не можело да се достави. За тој документи, Ковачевски, рече дека детали може да дадат само тие што ги имаат.

„Во однос на периодот кога имавме справување со корона кризата мора да се истакне фактот дека здравствените работници во условите кои ги имаа, дадоа максимум да спасат што повеќе човечки животи. Во однос на другите случаи, сите бевте свесни дека и подоцна од соопштенијата на МЗ дека сите документи и податоци кои треба да се достават до надлежните правосудни и истражни органи се доставени и достапни. Што се однесува до други кои беа презентирани, пред се вештачењата, тие не се ниту биле во ингеренции на Владата. Ги имаат правосудните органи. Јас како премиер и Владата имаме објективен став во однос на кој било случај, поединец, предмет. Правосудните органи се слободни да одлучуваат согласно закон и процедурите и да донесат постапки и пресуди“, додаде Ковачевски.

Вчера се одржаа протести во Тетово, а по документарниот филм на ИРЛ. Тие побараа одговорност и разрешување на обвинителите кои работеле на истрагата.