Ковачевски: Град Скопје во последните две години се наоѓа во една запуштена состојба

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, се приклучи на акцијата на општинската администрација и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во акцијата за садење дрвја и збогатување на зелениот простор по повод Денот на пролетта.

Тој пред медиумите рече Општина Центар е пример за тоа како се одржува хигиената и зазеленување на општината но дека истото тоа не може да го каже и за Град Скопје.

„За жал, градот Скопје во последните две години се наоѓа во една, би рекол, запуштена состојба. Практично, Скопје е како развластен град по победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Практично како и да немаме градоначалник, да нема Совет. Со тоа се потврди дека оние ветувања што беа дадени пред две години од страна на ДПМНЕ, од страна на нивниот претседател и раководството, дека ќе добиеме градоначалник што ќе го осовремени градот, беше едно лажно ветување чиј резултат на крајот сите го гледаме“, истакна Ковачевски.