Ковачевски: На најдемократски начин беше донесена пратеничката листа на СДСМ, за неа гласаа 99.8 отсто од присутните делегати

На најдемократски начин беше донесена пратеничката листа на СДСМ со едногласни одлуки вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој додава дека дури 99.98 отсто од гласовите на присутните делегати ја изгласале оваа листа.

„СДСМ и коалицијата нудат една исклучително квалитетна пратеничка листа која ќе обезбеди прво доверба од граѓаните, а потоа ќе ги застапува граѓаните во Парламентот со цел обезбедување на европска иднина на државата. Се работи за една листа којашто ја респектирам, која беше донесена на најдемократски начин во СДСМ, преку едногласни одлуки и на ЦО и на ИО и со 99,98 отсто гласови од присутните делегати на конгресот“, рече Ковачевски во интервју за Националната телевизија (МТВ).

Според Ковачевски, доколку се погледнат предложените носители, но и другите кандидати, ќе се види дека меѓу нив се наоѓаат луѓе кои многу успешно се справиле со Ковид пандемијата, со економската и енергетската криза, со одржувањето на стандардот на граѓаните во услови на голема инфлација и луѓе кои работеле на зголемување на инвестициите во државата и намалување на невработеноста.

Според него, пристапувањето кон полноправно членство во ЕУ е клучен процес за уште поголемо зголемување и на платите и на пензиите.

„Затоа велам дека со програмата на СДСМ 2024 – 2028 ќе продолжи и зголемувањето на платите и зголемувањето на пензиите и намалувањето на невработеноста и поддршката на индустријата која не постоеше до 2017 година. Ние првпат ја воведовме таа и сега ќе биде сега дуплирана. Ќе го зголемиме субвенционирањето во земјоделството и земјоделското производство. Поддршката за младите, поддршката за лицата кои првпат влегуваат на пазарот на работна сила се со цел да ги постигнеме овие цели, нагласи Ковачевски“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ немаат план за иднината, немаат план за зачленување во ЕУ, додека СДСМ има јасен план до 2028 година и пристапување кон членство до 2030 година.