Коалицијата „Вреди“ освои уште еден пратеник и го надмина „Европскиот фронт“ по прегласувањето : „14 пратеници“, објавија со гордост Таравари и Хасани

По прегласувањето на избирачкото место во Општина Желино, кое се наоѓа во рамките на изборната единица 6, коалицијата „Вреди“ излезе со значителна предност, добивајќи близу 500 гласа. За споредба, „Европскиот фронт“ освои само 48 гласа, изјави претставникот на „Вреди“, Башким Хасани.

Со ова прегласување, „Вреди“ обезбеди уште еден пратеник на сметка на „Европскиот фронт“ во шестата изборна единица. Хасани истакна дека кога гласањето е слободно од притисоци, кражби и манипулации, резултатот е јасен – коалицијата „Вреди“ го добива 14-тиот пратеник.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), излезеноста на седумте избирачки места каде што денеска имаше прегласување за парламентарните избори беше висока. На избирачкото место во Општина Желино, единственото каде се прегласуваше во шестата изборна единица, до 18:30 часот гласале вкупно 546 избирачи.

На социјалните мрежи, претставниците на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари и Башким Хасани, го објавија бројот 14, алудирајќи на новиот пратеник кој го добива нивната коалиција.

На парламентарните избори одржани на 8 мај, коалицијата „Вреди“ освои 13 пратеници, додека коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, доби 19 пратенички мандати. Со овој нов пратеник, коалицијата „Вреди“ се доближува до своите политички противници, зајакнувајќи ја својата позиција во парламентот.