Ќе има ли годинава „Блек фрајдеј“?

Шопинг манија наречена „Блек Фрајдеј“ (Црн петок) низ светот доаѓа од САД, а во последниве неколку години е многу актуелна и во Македонија.

Кај нас „Црниот петок“ станува традиција од пред неколку години, поточно со отворањето на големите трговски центри во Скопје. Со попусти настапуваат сите модни марки и продавници, а тие се движат од 20 до 50 или дури 70 отсто во зависност од актуелноста на производите и „староста“ на колекциите. Како и во светот, ретко ќе налетате на овој ден на големи попусти на моделите од актуелните колекции, секако ќе можете да најдете супер модно парче по супер цена.

Причината од која настанал „Црниот петок“во САД се распродажбите со цени до дури 70 отсто попуст, како најава за почеток на шопингот за божиќните и новогодишните празници.

Во прилог на американската манија за шопинг за време на „Блек Фрајдеј“ зборува и тоа дека многу луѓе кампираат по неколку дена пред продавниците за да бидат први во редот.

Но, дали и годинава ќе е така, со оглед дека владее пандемија на ковид 19. 

Францускиот министер за финансии Бруно ле Мер ги повика супермаркетите и трговците на интернет да го одложат таканаречениот „Црн петок“, што привлекува голем број клиенти поради значителни попусти.

„Црниот петок“ е на 27 ноември, а во Франција, продавниците што не продаваат есенцијални стоки се затворени поради ограничувачките мерки за борба против коронавирусот.

Помалите продавници, што не работат поради одлуката на Владата, стравуваат дека ќе претрпат загуби од конкурентите, големите онлајн компании како „Амазон“, кои можат да работат и да испорачуваат стоки за време на втората блокада во Франција.

Дали следниот петок е навистина вистинското време да се организира „Црн петок“? Мојот одговор е не, нагласи Ле Мер во Сенатот.

Тој најави дека ќе побара од супермаркетите и продавачите на интернет да ги истражат сите опции за одложување на настанот. Директорот на „Амазон“ за Франција претходно изјави дека компанијата забележала зголемување на активноста до 50 проценти за време на второто заклучување.

Иако, Блек Фрајдеј не е службен празник во САД, многу од работодавците на своите вработени им даваат слободен ден за да можат без пречка да купуваат.

Името Црн Петок доаѓа оттаму што поради огромната гужва на улиците ( од над 220 милиони луѓе кои одат на шопинг), полицајците во САД како и таксистите тешко се снаоѓаат во сообраќајот тој ден поради неверојатните метежи. Всушност, во 60-те години за време на „Блек Фрајдеј“ полициските службеници се жалеле на тотален колапс на сообраќајот предизвикан од овој ден на големите попусти, кој започнува на првиот ден после Денот на благодарноста- еден од најважните американски празници.

За време на овој ден, неретко се случува стампедо пред продавниците кое предизвикува и фатални исходи. Познат е случајот за смртта на 34- годишниот продавач во САД кога над него паднале влезните врати кои попуштиле пред навалата на масата купувачи.