Календарски сме во 21. век, но со паметот сме некаде во 18.век, вели доктор Даниловски за невакцинирањето

- Календарски сме во 21. век, но со паметот сме некаде во 18. век. Ова меѓудругото вечерва во гостување на Тв Сител го рече проф. д-р Драган Даниловски, епидемилог, одговорајќи на прашање зошто во ова време се враќаат болести, како големата кашлица, за кои постојат вакцини.

- Последните 30 години ние произведуваме лоши генерации, неуки, игнорантни, генерации кои како што стасуваат стануваат родители и треба да ги воспитуваат своите деца и да им всадат квалитени вредности. Се случува триесетина година да имаме нефункционална клетка во општеството, а тоа е семејството. Школството ни е на ниски гранки, учениците не се учат да бидат егоисти и да го почитуваат јавниот интерес. Се изгуби чувството за заедништво. Во меѓувреме се создаде плодна почва за теории на заговор и тоа да не може да се искорени, вели Даниловски.

Тој смета дека отпорот на родителите кон вакцинација доаѓа од неукост, неинформираност.

 - Кога ќе се всади еден страв, конкретно за вакцината против морбили, тоа некако се прошири и на сите други вакцини. Едноставно, луѓето не веруваат дека и другите вакцини се добри. На сето тоа се додава и хроничната недоверба на народот во системот, во институциите, едноставно не веруваат дека државата навистина се грижи за здравјето на граѓаните. Освен школството и семејството и докторите во примарното здравство имаат вина. Нивна задача е да ги едуцираат пациентите, ако гледаме дека семејството и образованието не ја вршат својата функција. Дел од матичните лекари не само што индолентно се однесуваат и функцинораат на ниво на ‘желботека’, дури и активно ги одвраќаат граѓаните од вакцинирање, смета професорот.

Во тек е сезоната на настински и грип во која често има респиратно инфекции кои се проследени со кашлица. Но, големата кашлица е нешто што не може да се препознае, вели проф. Даниловски.

- Тоа не е обично кашлање. Почнува со симптоми на обична настинка, но кога ќе почне кашлицата, во напади, тоа е нешто што може да го смисли само режисер на хорор филм. Тоа е толку драматично, толку страшно, потресно е да се биде сведок на таа кашлица. Детето не може да земе здив. Може да го загуби и животот заради задушување. Тоа кашлање оди со рикање, магарешко рикање, тоа е толку драматично. Се прашувам со кој памет, со кое срце одредени родители решаваат нивното дете така да се мачи, кога вакцините се сосема безбедни, вели д-р Даниловски.