Доктор Даниловски: Пациентите кои починаа во пожарот не може да се заведат како починати од Ковид 19

Докторот Драган Даниловски во една од своите последни објави прави анализа на статистиката поврзана со починатите од Ковид 19, односно начинот на кој се води причината за нивната смрт. Вели дека пожарот во Тетово и насилната смрт која настанала како негова последица не може да се смета како смрт од Ковид 19 и покрај тоа што пациентите во себе го носеле овој вирус. 

Определувањето на причината за смрт не може да биде само утврдување на непосредната причина за смрт (causa mortis) со помош на судско-медицинската обдукција, туку крајна цел е утврдување на т.н. основна причина за смрт – болест или повреда од која тргнал редослед на морбидни настани, кои завршиле со непосредната причина за смрт, вели докторот Драган Даниловски во својата ова. 

Затоа што, морталитетната статистика не се темели на непосредната, туку на основната причина за смрт – природна или насилна, додава тој. 

Даниловски нагласува дека за а таа да се утврди, не е доволна само обдукција, туку и анализа на медицинската документација на починатиот – ако е природна причина – од која ќе се види од кои болести страдал починатиот до моментот на смртта или увид во надворешните околности под кои настанала смртоносната повреда – кај насилна смрт .

Кога се работи за КОВИД-19, како природна причина, потребно е да се утврди дали оваа болест е основна причина за смрт или тоа е некоја друга состојба (болест), а КОВИД-19 е само придружна состојба која придонела да се забрза фаталниот крај. Или како што тоа вообичаено се вели, дали се работи за смрт ОД ковид или за смрт СО ковид, дециден е Даниловски. 

Кога се работи за насилна смрт – каква што е горење во пожар (или било кој друг вид насилна смрт), основна причина за смрт е повредата која довела до смрт – механичка, огнострелна, хемиска, физичка или изгореница.

Покрај основната причина, неопходно е да се наведат и надворешните околности кои довеле до смрт – горење во пожар или смрзнување, сообраќајна незгода, паѓање, потопување (давење), задушување, употреба на остри премети, огнострелно оружје, каснување од животно или инсект, труење со корозивни материи, хемикалии, лекови… итн.

Тој сугерира дека во сертификатот за смрт, КОВИД-19 треба да се внесе во графата „други морбидни состојби кои немаат врска со основната причина за смрт (изгореници), но придонела кон побрз фатален крај“. Или – да се надоврзам на исказот во првиот пасус – овде се работи за насилна смрт СО ковид, а не смрт ОД ковид.