Како помина викендот без ДДВ?

Mерката „Викенд без ДДВ“ од страна на Владата беше спектакуларно најавувана како мерка преку која граѓаните ќе можат да пазарат македонски производи, а притоа да заштедат преку повратокот на ДДВ. Според предвидувањата на креаторите на мерката граѓаните за време на викендот требало да потрошат 170 милиони евра, а во нивните џебови да бидат вратени oколу 17 милиони евра, но ситуацијата на терен не изгледаше така.

Иако „Викенд без ДДВ“ беше одложуван, повторно не беше организиран на начин максимално да биде искористен од граѓаните и не беа елиминирани пречките и слабостите за кои беше очигледно дека ќе се појават.

Прва слабост на мерката е тоа што беше организиран во празничен викенд кога многу од трговците не работат, па така граѓаните беа ограничени со тоа каде да испазарат. Исто така, баш заради продолжениот викенд, дел од граѓаните имаа отпатувано надвор од градските средини.

Друга слабост на мерката е тоа што мерката не допре до оние на кои им е најпотребна помош бидејќи не се во можност да потрошат толку пари за еден ден со цел да искористат од мерката, па така и од оваа мерка како и од останатите, намногу искористија богатите. Дел од нив сè уште не се корисници на „МојДДВ“.

Заради ова како и заради избегнување на гужви требаше да се дадат повеќе вакви денови, па на тој начин да им се даде простор и на по сиромашните да испазарат, а би се намалиле и гужвите по одредени продавници.

Проблем беше и тоа што во голем дел од фискалните сметки македонските производи беа номинирани како промет на „останати производи“, а со тоа граѓаните нема да можат да остварат поврат на ДДВ. Производи од пекари, сметки од кафуле или кафеана, сендвичари…ретко кои од овие производи и услуги беа наведени како „македонски“.

Ако конечно успеете да најдете таква услуга или производ, не ретко може да се случи и фискалната сметка да биде лошо отпечатена, скенерот да не ја препознае и парите да пропаднат.

Голем број од оние што се одлучија да го почекаат овој викенд за да набават ИТ опрема, беа изненадени дека поврат, сепак, не добиле.

На социјалните мрежи граѓаните доста реагираа и на поскапените цени на македонските производи.

Ова, според даночните експерти, ја девалвира целата мерка и ја прави нефункционална. Дополнително, сметаат дека голем дел од овие слабости можеле да се предвидат и спречат.

Од СДСМ денеска се пофалија дека викендов тројно е зголемен прометот на македонски производи. Но, и покрај ова, не се планира нов ваков викенд до крајот на годината.