Кај нас притвор се дели од ракав - Адвокатот Митровски со став за случајот на Спиро Ристовски

Адвокатот Јанаки Митровски се огласи со став по повод спорот на поранешниот министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој доби позитивен одговор од Судот за човекови права во Стразбур поради должината на неговиот притвор од 21 месец за случајот „27 април“.

Во пресудата на Стразбур се вели дека домашните судови се повикувале на политички причини што не е според начелата на Судот во Стразбур. 

- Стразбур одлучи дека има повреда на правото на слобода за Митко Пешов и Спиро Ристовски од предметот 27 Април. За мене ништо изненадувачко, стара болка за сите кривичари. Кај нас притвор се дели од ракав, со 98,5% усвојување на предлозите на обвинителството, кој процент е СРАМЕН. Се разбира сем кога се работи за членови на ДУИ, тогаш судот ептен ревноносно се труди да не даде притвор. Како на пример за петтиот уапсен на М-НАВ, кој го уапсија на бегање на граница и пак не изеде Шутка, напиша Митровски на својот фејсбук профил. 

П.С. Како и претходно, така и сега, оние судии кои ја сториле повредата нека ги платат трошоците, околу 4.500 евра. Државата на тоа има право, но и ОБВРСКА, да бара регрес. А не бара затоа што судиите намерсто за НАС работат за НИВ и затоа си ги гаат. Се додека тоа не се случи, кучињата ќе лаат, караванот ќе си врви, додава Митровски.