Ивановски: АХВ веќе 40-ина дена молчи за информации поврзани со безбедноста на храната во Македонија

Оливер Ивановски, член во кабинетот на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, со изјава ги повика министерот Љупчо Николовски и в.д. директорот Николче Бабовски да одговорат на 14-те дописи што се доставени до Агенцијата за храна и ветеринарство, а се поврзани со безбедноста и квалитетот на храна во Република Македонија.

„На 15 февруари 2024 година преку кабинетот на дополнителниот заменик-министер Цветан Трипуновски доставени се 14 дописи до Агенцијата за храна и ветеринарство поврзани со безбедноста на храната. Поради непроследување информации и нетранспарентност од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, се доведува во прашање колку е функционален системот за безбедност на храната, односно дали граѓаните во Република Македонија јадат безбедна храна?“, изјави Ивановски.

Како што вели, во изминатата година во повеќе наврати Трипуновски и неговиот тим алармирале за увоз на зеленчук со зголемено присуство на пестициди, тешки метали со штетни и трајни последици за здравјето на граѓаните, но и за увоз на млеко и млечни производи со зголемено присуство на канцерогени афлатоксини.

„Министерот Љупчо Николовски, Агенцијата за храна и ветеринарство и в.д. директорот Николче Бабовски се нетранспарентни и ги кријат информациите од граѓаните и се директно најодговорни за руинирање на институциите кои се најповикани за безбедноста на храната. Институциите мора да ја информираат јавноста за безбедноста на храната и дали храната на полиците во маркетите е безбедна за здравјето на граѓаните“, посочи Ивановски.