Истече рокот за конкурсот на Град Скопје за приватни превозници за автобуските линии 20 и 22

Рокот за јавниот повик на Град Скопје за приватни автобуски превозници на линиите со број 20 и 22 истече денеска во 12 часот.

Од Град Скопје за МИА велат дека резултатите ќе бидат соопштени откако ќе истече рокот, како и по неколку дополнителни денови поради чекање на евентуални пријави по пошта.

Повикот беше објавен пред еден месец и на него, како што информираше Град Скопје, немаат можност да конкурираат превозниците од „Слобода Превоз” и „Макекспрес”, поради прекршување на одредбите од претходниот договор од нивна страна. Неможноста за јавување на нов конкурс трае една година од денот на раскинување на претходниот договор.

Во меѓувреме, приватните превозници чекаат на средба со Владата, од каде, пак, велат дека сè уште нема никакви новости, односно остануваат на изјавата од минатиот месец на премиерот Димитар Ковачевски дека состанок со нив ќе има, но откако ќе ги добијат податоците од Управата за јавни приходи за „параметрите за кои имаше јавна дискусија меѓу превозниците, ЈСП „Скопје” и Град Скопје”.

Приватните превозници од „Слобода превоз” и „Макекспрес” започнаа со протести во главниот град на 28 ноември, кога со околу 30 автобуси ја блокираа крстосницата на булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков” кај ТЦ „Мавровка”, со барање да им бидат исплатени, според нив, заостанати долгови од страна на ЈСП за да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход по овој протест, приватните превозници на 5 декември со околу 200 автобуси блокираа неколку фреквентни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ „Мавровка”, кај Црвениот Крст и булеварот „Илинден”. По ова беа „одблокирани” крстосниците кај „Мавровка” и Црвениот крст, но превозниците останаа да протестираат уште десетина дена на булеварот „Илинден” околу седиштето на Град Скопје, по што сепак решија да ги прекинат, со цел, како што најавија, да му дадат простор на дијалогот што го предложил премиерот Ковачевски.