Градинката „Росица“ во општина Ѓорче Петров ќе добие комплетно нов лимен покрив

Објектот „Кокиче“ на Јавната општинска установа – детска градинка „Росица“, во општина Ѓорче Петров ќе добие комплетно нов лимен покрив.

Од општината соопштија дека зафатите за реализација на проектот се веќе во тек а се очекува да завршат кон почеток на август. Се работи за зафат вреден 2 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет со кој ќе биде заменет стариот азбест кров.

Инаку во објектот „Кокиче“ се сместени над 150 деца од предучилишна возраст.

Детската градинка „Росица“ е установа за деца од голем капацитет со постоечки шест објекти во општина Ѓорче Петров: „Калинка“, „Детелинка“, „Кокиче“, „Пампурче“, „Рипчиња“ и „Дексион“. Проектираниот капацитет на ЈОУДГ „Росица“ изнесува 705 деца, а просечно згрижува од 1.000 до 1.200 деца месечно.