Ѓорѓиевски: После 50 години градинката ,,Пеперутка 1” во Драчево е реконструирана и проширена

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денес извршија увид во градежните активности за проширување и реконструкција на градинката “Пеперутка 1” во Драчево. Според градоначалникот досега не се извршени реконструктивни зафати на овој објект кој е изграден во 1964 година. По реконструкцијата градинката “Пеперутка 1” ќе може да прими околу 150, наместо како досега 90 деца, и со тоа се затворат листите на чекање во Драчево. Додаде дека со започнатите и планирани проекти, наскоро и во целата општина нема да има деца кои ќе чекаат да бидат запишани во градинка.

“Сакам да истакнам дека со завршувањето на овој проект, во Драчево целосно ги затвораме листите на чекање, а листите на чекање во целата општина ги сведуваме 60-тина. Да потсетам дека на почетокот од мојот мандат повеќе од 400 деца немаа можност да бидат запишани во градинка и чекаа да се ослободи место. Веднаш реагиравме со отворање на две нови градинки, едната во Усје, другата во Драчево, во дворот на објектот ,,Кокиче” чиј капацитет го проширивме за 90 дечиња, започнавме со изградба на нов објект ,,Верверичка”, а обезбедивме и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник. По завршувањето на двете нови градинки, листите на чекање ќе бидат сосема затворени. Дополнително, инвестиравме и во опрема, дидактички материјали и мебел во постоечките објекти, за што издвоивме околу 17 милиони денари. Проширување и реконструкцијата на детска градинка “Пеперутка 1” во Драчево е уште еден од низата проекти кои се зацртани во мојата програма со цел да се овозможи најпрво да нема чекање ред за во градинка, а потоа и унапредување на условите во овие јавни детски установи, за сите наши деца, во сите населби и населени места“ напиша Ѓоргиевски