Гостување на Драмски театар на фестивалот РУТА во Подгорица

Со претставата „Падот на Масада“ на Дејан Пројковски, Драмски театар Скопје гостува на фестивалот РУТА. Во Подгорица од 8 до 13 април во организација на Градско позориште Подгорица се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Ансамблот на Драмски театар вечерва во 20 часот ќе ја игра претставата на сцената „Будо Томовиќ“ каде неделава ќе се претстават и сите останати членки на Унијата: Београдско драмско позориште, Местно гледалиште Љубљана, Камерни 55 од Сараево, театарот Улисис од Хрватска и домаќинот Градско позориште Подгорица.

Претставата „Падот на Масада“ ја режираше режисерот Дејан Пројковски, на текст на авторот Венко Андоновски. Асистент на режија е Дамјан Димовски. Сценографијата и костимографијата на претставата се доверени на Валентин Светозарев. Музиката е на Горан Трајкоски.

Улогите ги толкуваат актерите на ансамблот при Драмски театар Скопје: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.

Авторот Венко Андоновски во белешката за текстот и претставата „Падот на Масада“ го поставува прашањето – Вреди ли да се даде животот за една идеја, без разлика колку таа е поврзана со националната, патриотската, револуционерната или која било друга идеолошка чест!? Претставата е необична колаж – драма, составена од шест драматични слики од различни историски епохи во кои се случувал чин на самоубиство.

Отворајќи ги овие прашања веќе во првата сцена, во која станува збор за познатото херојско масовно самоубиство што го извршиле Јудејците опколени во легендарната тврдина Масада, така што никој жив не паднал во рацете на Римјаните, драмата започнува со рецитирање на антички трагедии, а продолжува со тривијализирање на концептот на античкото возвишено. Следи сцена на масовно самоубиство на чета комити од македонската историја, при што сите освен еден се самоубиле за да не паднат живи во рацете на Османлиите. Наредната сцена е колективно самоубиство на Адолф Хитлер, Ева Браун и неговите најблиски соработници. Како што сцените продолжуваат кон поново време, се забележува падот на идеалот за херојско самоубиство и неговото банализирање: денес луѓето се убиваат за жени и пари, но не и за нацијата, државата и револуцијата. Дури и кога терористите киднапираат авион во една сцена, ги пречекува неочекувана приказна во која жртвите се поголеми терористи од самите киднапери. Во таа смисла, „Падот на Масада“ е драма за паѓањето на моралот и „возвишените и херојски“ вредности од античко време до денес, кога сè е сведено на банализирање на реалноста и вредностите вели авторот Венко Андоновски.

По премиерата во декември минатата година ова е прво меѓународно гостување на претставата „Падот на Масада“. На матичната сцена претставата е изведена веќе десетина пати и за секоја изведба има голем интерес од публиката.

По фестивалот што се одржа во Љубљана во февруари, Подгорица е втор домаќин во годишниот календар на фестивалот РУТА. Наредното ревијално издание на регионалниот фестивалот РУТА е наредниот месец во Сараево каде домаќин ќе биде театарот – Камерни 55.