Во завршна фаза реконструкцијата на „Христо Татарчев 2” со краците “8” и “10” во Кисела Вода

Речиси половина век жителите на улица „Христо Татарчев 2” и краците “8” и “10” во скопска Кисела Вода чекаа реконструкција на овие сообраќајници по кои секојдневно се движат.

Видно задоволни по реконструктивниот зафат кој во изминатиот период го изведе Општина Кисела Вода, на градоначалникот Ѓорѓиевски кој ги посети, му кажаа дека не е зголемен само комфорот, туку и безбедноста во населбата Кисела Вода.

- Финализираат градежните активности на улица ,,Христо Татарчев 2” и краците “8” и “10” кои беа една голема потреба на жителите на овој дел од општината. Како што самите кажаа, 50-тина години овде немало реконструкција на патната инфраструктура што резултирало со големи оштетувања на асфалтот и проблеми во одвивањето на сообраќајот. Реконструктивниот зафат кој го привршуваме е на површина од 3028 квадрати и конечно со него се става крај на проблемите што ги имаа жителите на населбата Кисела Вода. Продолжуваме со интензивна работа и во сите останати населби и населени места, целосно менувајќи го на подобро ликот на општината и унапредувајќи ги условите за сите наши жители, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски при увидот на терен.