Ѓорче Петров ќе добие модерен трговски центар со нова општинска зграда (ФОТО)

До крајот на годинава се очекува да биде пуштена во употреба новата општинска зграда на Ѓорче Петров. Општинските служби информираат дека и покрај ниските температури, педесетина градежници работат на објектот.


- Градоначалникот Сокол Митровски секојдневно ги следи градежните активности и досега е задоволен од направеното. Веќе е ставена и третата плоча, а се вршат подготовки за претпоследната плоча за третиот кат. Зградата има приземје и четири ката - соопштија од локалната самоуправа.

Ако работите се одвиваат како досега, зависно од временските услови, може да се случи зградата да биде готова и пред предвидениот рок во првото тримесечје од 2017 година, што ќе претставува големо олеснување во работењето на општината затоа што сегашните услови за работа не овозможуваат брза и ефикасна услуга. Од локалната самоуправа велат дека и покрај напорите, Општината не може да оформи едношалтерски систем затоа што општинските служби се лоцирани на неколку локации, што го успорува работењето.

Изградбата на зградата почна на почетокот на минатата година. Инвеститор е фирмата „Трансмет“, која за возврат на тоа што целосно ќе ја изгради општинската зграда, ја доби соседната парцела, каде што веќе се гради трговско-деловен објект „Емпорио“. Вкупната инвестиција чини околу 30 милиони евра.