„Ги знам јас сите и обвинители и судии, се дружиме, пиеме кафе, на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“, рече Мемети

Денеска дојдовме на покана на судијата во предистражна постапка и донесе решение за мерка за претпазливост, друго не би сакал повеќе да зборувам а тоа е мислам и добра работа, затоа што е и од мој интерес и од интерес на јавноста е што побрзо органите да ја завршат целата работа, изјави пред новинарите Иџет Мемети, откако судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје постапи по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција  му определи мерки на претпазливост и одземање на патната исправа. Тој е второосомничениот во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание.

На прашањето дали му биле презентитрани докази за предметот, Мемети кусо одговори: „Не“.

Мемети пред новинарите рече дека времето ќе покаже дека ништо противзаконито нема сторено.

„Видете, ова секако дека како човек ме погодува, меѓутоа и вчера имав изјава, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Но, ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“, кажа тој.

Прашан за релациите со првоосомничениот во случајот, судијата Наќе Георгиев, тој рече дека се познава со судиите и обвинителите.

„Ги знам јас сите и обвинители и судии, и се дружам, разговараме, пиеме кафе, едно-друго“.

Покрај одземањето на патната исправа, Мемети дополнително ќе мора повремено да се јавува на службено лице во Судот.

Судијата Наќе Георгиев и заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители, како што соопшти ОЈО ГОКК во вторникот се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание по член 359 од Кривичниот законик (КЗ) и против нив е отворена истрага.