Фото: Планот на Кензо Танге за Скопје на изложба во Лондон

Архитектонскиот план на Кензо Танге за постземјотресно Скопје е составен дел од изложбата „Креација од катастрофа“ отворена минатиот месец во Лондон. Делот од поставката, кој се однесува на Скопје, укажува дека дел од главните елементи од планот на Танге се реализирани и дека создавале нов град што е простран и добро организиран.

– Иако планот на Танге беше парцијално реализиран, во Скопје се изградија многу иконографски модерни објекти, меѓу кои и оние на ученикот на Алвар Алто – Јанко Константинов. Планот на Танге беше креација на времето кога е создаден – пишува во експликацијата за изложбата, која се осврнува и на денешното реобликување на Скопје, во кое се настојува да се избришат трагите од планот на Танге и да се фабрикува идеално минато.

Во врска со дебатата за иднината на градот, која е сѐ уште жива, во најавата за изложбата пишува дека улогата на реконструктивниот план на Танге често се доведува во негативен контекст.

– Главната критика е дека овој план не успеал да стане легитимен и дека претставува експеримент. Оние што го поддржуваат планот на Танге сметаат дека тој бил поттикнувачки и ги дека инспирирал македонските архитекти да проектираат препознатливи архитектонски дела – пишува за делот од поставката што се однесува на постземјотресно Скопје.

Рецензија за изложбата, отворена во Кралскиот институт на британските архитекти во Лондон на 27 минатиот месец, деновиве објави и престижниот лондонски весник „Гардијан“. Во текстот е цитиран македонскиот архитект Иван Мирковски, кој говори за планот на Танге и она што се реализираше од неговата визија за Скопје. Текстот со наслов „Креација од катастрофа – архитектонска визија од правот“ се осврнува на она што архитектите го создале по природните катастрофи (земјотреси, пожари, поплави…) во изминатите три века.

– Сликите од Кензо Танге се редат како бетонски зигурати, заедно со сликите на архитектите што ги гледаат големите цртежи во неговата канцеларија. Тие сакаат да укажат дека неговото храбро решение не било целосно усогласено со потребите на локалните жители – пишува во рецензијата за изложбата, објавена во „Гардијан“.

Македонскиот архитект и професор по урбанизам на Американ колеџ во Скопје, Иван Мирковски, за „Гардијан“ го опишува нашиот главен град како гробишта полни со коски и скелети од одамна заборавени и изумрени диносауруси, премногу големи за сегашноста, премногу мали за минатото.

– Тогаш изложбата скока од овие луѓе во канцеларијата, исклучени од желбите на вистинските луѓе, во сферата на дното активистичката архитектура во најновите реконструктивни заложби. Тоа е свет на провизуeлното, со евтини структури од бамбус, разрушени, па прекриени, дизајнирани и изградени во соработка со луѓето што живеат во нив – пишува „Гардијан“.