ФК Вардар: До кога спортот ќе биде во сенка на политиката, зошто Град Скопје се' уште не ја спроведува одлуката за 15 милиони денари помош за клубот!?

Во обидите за изнаоѓање решение за финансиското идно опстојување на најтрофејниот македонски клуб од ФК Вардар се револтирани зошто Град Скопје не ја спроведува сопствената одлука за исплата од 15 милиони денари за помош на клубот.

Од „црвено-црните“ почитувањето на таа одлука ја нагласуваат како клучна во овој момент за првично финансиско средување на состојбите и помирен фудбалски тек на тимот во продолжението на шампионатот од Првата македонска фудбалска лига.

„Сите знаеме дека Советот на Град Скопје донесе одлука за доделување 15 милиони денари за ФК Вардар. Но, потоа настанаа бројни полемики, изгласувања амандмани, политички игри, па потоа сето тоа не се спроведе. Сега, ние отворено треба да прашаме зошто не се спроведува таа одлука. Дали постојат механизми кои може и мора да го принудат Град Скопје само да ја почитува таа одлука која сам ја донел. Тоа се можеби политички препукувања, кои немаат допирна точка со спортот…, но сето тоа е жално на штета на клубот кој го сака цело Скопје. Ете ние може да им предложиме, нека го тргнат Вардар од нивните политички препукувања, нека го гледаат проблемот чисто спортски, па можеби тогаш само ќе се понуди решението, чисто спортско ... Некои од општините реагираа во пет до дванаесет, па може да кажам дека дел од скопските општини се огласија и доделија одредени финансиски помош…, но ете немаме одговор од одредени општини. Дали тие чувствуваат некаква одговорност кон Вардар, како на пример Општина Карпош каде официјално е седиштето на клубот. Дали тие општини знаат дека населението навива за Вардар? Дали тие се свесни дека е потребна помош? - истакна Милорад Миленковски.