Еден месец по катастрофалните поплави кои го погодија Скопје (фото)

Месец дена по катастрофалното невреме што го зафати скопскиот регион .Трагите од потопот се уште се забележливи на секој чекор, иако видливи се промените кои се случија во изминативе 30 дена. 

Реата на исушена кал и мил ќе ве заплиснат веднаш откако ќе ја напуштите населбата Ченто и се упатите кон селата и населбите кои водат кон Стајковци, но дека нешто се сменило лесно може да се забележи кога ќе го видите Основното училиште „25 Мај“. 

Тоа е она исто училиште кое изминативе денови беше главен дистрибутивен центар, а училишниот двор беше претесен за сите оние кој беа дојдени да помогнат. Таму се истовараше и се делеше сето она што требаше да им се даде на настраданите од поплавите кои се случија на 6 август. Сега, во училиштето се повторно децата, но останува сеќавањето на големиот шатор кој беше распослан во дворот.

Што се случуваше на 6 август? 

Дождот почна околу 17 часот и продолжи да лие во следните три-четири часа. Сепак, првите реакции дека нешто сериозно се случува се појавија после 21 часот.

На социјалните мрежи се појавија видеа на чија содржина ретко кој можеше да им верува и на сопствени очи. Први на теренот се појавија припадниците од Единицата за брзи реакции. Тие беа упатени прво кон обиколницата каде што во буквална трка со времето спасуваа луѓе од давење кои беа заглавени во нивните возила, затрупани во калта.

Како што раскажаа очевидци, секој секому се трудел да му помогне, колку што може. На некои места не можеле да пристапат ниту специјалците поради големите наноси од кал.

Сепак, истата вечер, освен за уништените автомобили, улици, домови, се појавија и информации за загинати.

Следниот ден пристигнаа информацијата дека во невремето загинаа 22 лица, а едно девојче сè уште се води како исчезнато.Надлежните институции бргу ја ангажираа механизацијата, како и расположливата човечка сила за помош на поплавените. Први на помош дојдоа припадниците на АРМ, кои рамо до рамо со жителите почнаа да го расчистуваат теренот и да им помагаат на луѓето.

Наредните деновите имаше беше масовна акција за помош на поплавените и обезбедување услови за повторно нормализирање на животот. 

Во тек е и исплатата на авансното обештетување. На секое семејство му се исплаќа надомест од 30000 денари, средства потребни за почетно санирање на штетите. Во дел од поплавените места денеска беа објавени нови списоци за лицата кои добиле аванс на својата сметка.

Оние граѓани што досега не успеале да ја завршат процедурата за пријавување на штетите, имаат дополнителни пет дена да ги комплетираат барањата. Краен рок за пријавување е седми септември.