Денеска пензионерите ќе ги добијат зголемените пензии, колкаво ќе биде зголемувањето?

Од денес пензионерите ќе ги добијат своите зголемени пензии. Според пресметките на ПИОМ зголемувањето ќе биде 5.3 проценти и ова е првото од двете годишни усогласувања. Во Македонија има вкупно 338.188 пензонери кои ќе добијат најразлично золемување на пензијата во зависност примањата. Зголемувањето ќе биде од 664 денари за најниската пензија до 4029 за оние пензионери кои ја земаат највисоката пензија.

Во Македонија најбројни се пензионерите – 86.907, кои се корисници на најниските законски пензии, кои до усогласувањето беа на нивото од 12.528 до 16.058 денари. Кон оваа највисоката од најниските суми денес се додадени уште 851 денар. Пензиите од 20.175 денари добиваат 1.069 денари, од 31.859 се со плус 1.688 денари, додека тие 2.893 денари следуваат за пензионерските примања од 54.588 денари.

Над тој износ се пензиите кои можат да им парираат на ценовните поместувања и на потрошувачката кошница. Доаѓаат на банкарските сметки на 2.724 корисници, кои во пензионерската структура учествуваат со ниски 0,81 отсто.

Уште пониска е застапеноста на корисниците кои ги земаат највисоките пензии во државава. Се работи за само 19 лица со месечни 76.035 денари. Кај нив зголемувањето е 4029 денари.

Податоците од ПИОМ покажуваат дека откако е почната примената на методологијата на прилагодување кон промените, пензиите се поместувале – во 2022 првиот пат за 2,9%, вториот за 6,8%, а во 2023 – за 8,4% и за 5,3%, колку што е и последниот процент.

Пензионерското незадоволство од висината на примањата и од стандардот што им го обезбедуваат, масовно се изразуваше преку повеќемесечните протести.Од таму во повеќе наврати потсетија дека нема да се откажат од нивните барања за линеарно зголемување на сите пензии за пет илјади денари и за утврдување на минимална пензија, која би била околу нивото на минималната плата.