Делови од скопската обиколница ќе треба одново да се градат

По катастрофалната поплава, која во саботата однесе во смрт над 20 лица, почнаа да се бројат и материјалните штети од природната непогода.

Веќе неколку дена затворена за сообраќај е скопската обиколница, а денешните снимки од терен покажуваат дека биде потребен подолг временски период за таа да се стави во функција. Ќе бидат потребни неколку месеци за да се реконструира целокупниот пат, особено во делот пред клучката Стајковци – Црешово. Денешната слика на теренот покажува огромни пукнатини и испакнатини на асфалтот, како и уништена хоризонтална и вертикална сигнализација.

По чистењето на околниот простор, стручни екипи ќе треба да подготват детална експертиза за претстојната реконструкција на скопската обиколница. Големите количества вода успеале да ја уништат сигнализацијата на патот, да продрат под асфалтот и веројатно да го однесат долниот слој од трасата. Речиси е извесно дека ќе биде потребно да се извади целокупниот асфалт, остатоците од тампонскиот слој и подземната инфраструктураори, по што одново би се градела трасата на делот пред клучката Стајковци – Црешево.

Засега е непознато колкава е штетата на скопската обиколница што зад себе ја остави поплавата, но најверојатно дека ќе бидат потребни неколку месеци за реализација на санациониот зафат. Во тој временски период, сигурно е дека обиколницата ќе остане затворена за сообраќај, особено делницата од Оризари до Хиподром во должина од 14 километри. Изградбата на овој дел од обиколницата ја вршеше компанијата „Гранит“ од Скопје. Проектната документација за целата траса ја изработија од „Прима инженеринг“ и „Балкан консалтинг“, со реализирана ревизија од Градежниот факултет.

Скопската обиколница беше пуштена во употреба во јуни 2009 година, седум години по почетокот на градежните работи во 2002 година. Инфраструктурниот проект што го заобиколува Скопје од северната страна е дел од паневропскиот Коридор 8. Автопатската траса е изведена за да се намали транзитот на камиони, автобуси и автомобили низ Скопје, кој во минатото во западниот дел од градот се слеваше директно од автопатот во населбата Ѓорче Петров.