Дали Бесими ќе биде новиот премиер во техничката влада?

Исполнувањето на политичкиот договор за поставување премиер Албанец во предизборниот период е инвестиција во заедничката иднина и конкретен одговор на сите предрасуди коишто не следат од минатото, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за Телевизија 24.

Во однос на прашањето дали лично е едно од кадровските решенија за премиер, министерот вели: 

- Секој граѓанин треба да знае дека без разлика на етничката припадност тој, кој и да биде премиер во Владата на нашата земја, ќе биде за сите граѓани. Така што тука од тој аспект сигурно ќе биде некој што компетентно ќе ја заврши работата, јас ниту сум размислувал, ниту сега размислувам за тоа, во оваа фаза мојот единствен фокус е справувањето со економско-финансиските предизвици кои се во моја надлежност како министер за финансии.

Тој посочи дека тоа не е само предизборно ветување, туку градење на меѓусебната доверба, зацврстување на темелите на една заедничка држава, преземање одговорност и порака за еднаквост и еднакви можности. Тоа е следење и на европските вредности, мултиетничко, мултикултурно општество, со меѓусебно разбирање и толеранција, кое функционира во интерес на обезбедување просперитет и подобар животен стандард за сите граѓани.