Д-р Петличковски за високата смртност од ковид: Неприфаќање на болеста, лоши услови во болниците и коморбитети...

Доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија во своето најново интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека опуштањето на мерките против ковид има влијание на зголемувањето на бројките, а уште повеќе имаат влијание условите надвор, во зимски услови кога повеќе време поминуваме на затворено, е очекувано и сите практично очекувавме зголемување на бројките. 

-Имавме значително опуштање, бидејќи кон крајот на летото имавме одлична ситуација. Исто така и вакцинацијата не ја завршивме така како што би требало да ја завршиме, така што оставен е голем простор на вирусот и тој тоа го користи овие денови, вели д-р Петличковски.

Тој во интервјуто говореше и за високата смртност од ковид во земјава. 

-Имаме проблем дефинитивно. Смртноста ни е висока споредено со смртноста во развиените земји, ама ние не сме развиена европска земја и имаме недоволно развиен здравствен систем. Сигурно дека коморбидитетите влијаат на зголемување на смртноста. Имаме и дополнителен проблем со неприфаќањето на болеста и нејавувањето навреме. И тоа е сигурно, но имаме и лоши услови во здравствениот систем, немаме ни доволно капацитети и сите елементи комбинирани придонесуваат за оваа висока смртност, која е слична во регионот. Со развојот на државата и здравствениот систем, ќе се подобруваат условите и ќе се намалува смртноста, но во моментот не сме таму, посочи д-р Петличковски.