Четири работи од кои никогаш не треба да се срамите кога се во прашање бившите врски

Брачниот советник и терапевт Џеф Гентер од Портланд на своите друштвени мрежи редовно дели видеа со совети кои се однесуваат на љубовните врски.

Неговиот профил на Инстаграм има повеќе од 640 илјади следбеници кои со многу големо внимание ги следат објавите на неговиот профил. Едно од видеата со кои го привлече и нашето внимание, е и она во кое објаснува од што не треба да се срамиме кога се во прашање бившите врски.

Тој издвои четири ситуации:

Не треба да се срамите ако ги чувате спомените од бившите врски

Сѐ додека не жалите за бившиот партнер, чувањето на спомените не би требало да биде проблем или нешто од што би требало да се срамите. Според мислењето на Џеф, спомените кои ги чуваме од некој период на нашиот живот, не се нешто од што би требало да се ослободиме, ако не сакаме, само затоа тоа е нешто што се очекува од нас. Тоа не треба да го правиме дури ни ако нашиот нов партнер го бара тоа од нас. Обидете се со него да разговарате и да му објасните дека не се работи за жалење за човекот од минатото, туку дека се работи за дел од вашиот живот кој не сакате да го избришете.

Не треба да се срамите ако вашиот бивши партнер и понатаму има посебно место во вашето срце

Работата е едноставна. Бившите партнери се луѓе кои во некој момент биле важен дел од нашиот живот и имале големо влијание врз него. Затоа, сосема е во ред и понатаму да има место во вашето срце. Тоа не значи дека и понатаму го сакате и дека ви значи, или дека не можете да се вљубите во друг човек.

Не треба да се срамите ако предолго сте останале во врска со бившиот, иако врската не функционирала

Сочувствувајте сами со себе наместо да се срамите. Одлуката за прекин не е ни малку лесно да се донесе, веројатно сте заборавиле колку било тешко да ја донесете. Освен тоа, работите никогаш не се црно-бели. Сосема е нормално да сакате нешто да успее и да се обидувате да направите сѐ што е во ваша моќ врската да успее.

Не треба да се срамите затоа што сте ги повредиле чувствата на партнерот

Такви работи се случуваат во врска. Ако сте повредиле нечии чувства, тоа не значи дека мора да се јадете до крајот на животот. Изнајдете начин да си простите. Секако, во ред е да чувствувате вина за тоа што сте му го направиле и да научите некоја лекција за во иднина, но не треба да се сметате за лоша личност поради тоа и да не си дадете нова можност да ја исправите грешката во некоја наредна врска. Човекот учи додека е жив, а врските се менуваат и се обликуваат според нашите чувства и според нашето дотогашно искуство. Впрочем, од секоја врска излегуваме помудри и со животно искуство плус..