Брендирана облека купуваме во странство: До кога Македонците ќе плаќаат повеќе?

Исти производи, различни цени. Брендираната облека во Скопје секогаш е поскапа во однос на Солун или Софија, споредено со европските метрополи разликата е уште поголема.

Во познатите продавници во скопските трговски центри брендиранаа облека е поскапа за најмалку 30% споредено со облеката во продавниците на тие брендови во европските метрополи. 

До кога Македонците ќе плаќаат повеќе? На пример, меѓународен, шпански бренд на македонската верзија на својот интернет сајт нуди женски мантил за 3.390 денари (55 евра), а на шпанската и бугарската верзија за 49 евра. Машки фармерки во земјава се продаваат за 1.490 денари (24 евра), во Шпанија и во Бугарија цената е 20 евра.

Разликата станува уште поголема и поочигледна при попустите и промоциите. Истиот мантил при сезонската распродажба во Скопје достигнува цена од 2.390 денари (39 евра), но во Шпанија и Бугарија се спушта и до 25 евра. Фармерките овде со попуст би биле 1.000 денари (16 евра, а во другите држави 9 до 12 евра.

Пазарните аналитичари велат дека има повеќе причини за ваквата состојба – помал пазар, послаба конкуренција, поскапа закупнина.

-Цените вообичаено се поставуваат на неколку нивоа во зависност од пазарот – колку е помал, понеразвиен; а куповната моќ поограничена, толку диктираната цена е повисока поради помалиот обрт. Прометот во продавниците во скопските молови е повеќе пати помал отколку во Виена, Мадрид, Софија, Солун. Кај нас даноците се помали, но закупнините се поголеми. Некои трговци кои кај нас продаваат брендирана гардероба и обувки, не прават сериски нарачки, туку земаат по неколку парчиња, што според економската логика мора да влијае на нивната малопродажна цена. Нормално е дека во Македонија со два милиона жители ќе биде поскапо отколку во Србија со над осум милиони. Но, мислам дека се што е над 10 проценти поскапо е неоправдано, објаснуваат трговските аналитичари.