Битиќи со дански индустрии: Северна Македонија е доверлив партнер на инвеститорите

Презентација на поволностите и бизнис климата за инвестирање во Северна Македонија, зајакнување на бизнис врските помеѓу двете земји како и можностите за nearshoring за данските компании, биле целта на денешната тркалезна маса на која учествувал вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со поголем број на претставници од данските индустрии и директорот на Дански Индустрии, Јенс Холст Нилсен.

Во фокусот, како што информираат од владината прес-служба, биле темите за енергетика и преработувачката индустрија.

Битиќи упатил порака кон присутните дека Северна Македонија е доверлив партнер на инвеститорите и дека тие можат да сметаат на отворена врата и помош при нивните одлуки за инвестирање во нашата земја.

Во текот на денешниот ден, втор од бизнис посетата, вицепремиерот Битиќи се сретнал и со Филипе Волот, директор на Данске Банк која е најголема банка во Данска која работи во нордиските земји, но и пошироко.

На средбата, како што информираат, било разговарано за можностите за финансирање на инфраструктурни проекти, енергетика и образование како и размена на искуства за онлајн банкарство.