Битиќи: Јакнењето на вредносните синџири во регионот носи компетитивна предност, зголемена предвидливост и стабилност за инвеститорите

 Вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи престојува во дводневна посета на Копенхаген, со цел промоција на инвестициските поволности во нашата земја, како и средби со нашата бизнис дијаспора во Данска, која може да биде вистински економски поттик за инвестиции во нашата земја.

Во текот на денешниот ден, информираат од владината Прес-служба, вицепремиерот Битиќи оствари неколку билатерални средби со менаџментот на големи дански компании и успешни компании на нашата дијаспора. Од страна на Кабинетот беа презентирани можностите за инвестирање а се зборуваше и за зајакнување на вредносните синџири и пренесување на истите од далечните источни земји блиску до границите на Европската Унија.

Ова, како што истакна вицепремиерот Битиќи ќе донесе зголемена додадена вредност и компетитивна предност за нашата земја но и инвеститорите, кои нема да се соочат повторно со сегашната ситуација на кршење на синџирите на добивка а со тоа нарушување на стабилноста и предвидливоста на пазарот.

Вицепремиерот Битиќи на средбите ја истакна нашата посветеност кон евроинтегративниот процес како и заложбата за зголемување на регионалната конкурентност и засилување на вредносните синџири, имајќи го предвид целиот Западен Балкан.

Во текот на првиот ден од посетата, вицепремиерот Битиќи, се сретна и со државниот секретар за трговија на Данска, Стен Хомел со кого разговараа за можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји како и зголемена промоција на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции на данските компании.

Државниот секретар, Хомел изрази поддршка како и отворени врати за дијалог и понатамошна соработка во приближување на економските интереси на двете земји, како и размена на искуства и знаење во областа на дигитализација и трансфер на знаења во технолошките процеси на производство.