Без почитување на мерките: Турканици од родители и деца за бесплатно пакетче од Дедо Мраз во Зоолошка

Што се случуваше вчера во Зоолошка? Дали бесплатно новогодишно пакетче е поважно од нашето и здравјето на нашите најмили? 

Голем број родители со деца, без воопшто да се почитува мерката за одржување растојание, вчера се туркаа за да дојдат до Дедо Мраз и добијат бесплатно пакетче во скопската Зоолошка градина.

Делењето пакетчиња беше во рамки на предновогодишното случување „Новогодишна бајка“, најавено на официјалната фејсбук страна на Зоолошката, каде што ги повакаа родителите и децата на новогодишна претстава со Дедо Мраз.

Во најавата стоеше дека настанот ќе биде по сите здравствени протоколи, безбеден за сите и на отворено, а носењето маска е задолжително.

Сепак, тие правила не се испочитуваа па Дедо Мраз беше опкружен од река деца и родители натискани еден до друг.

Ова е трета година по ред како Зоолошката градина во Скопје, во пресрет на Новата година, приредува предновогодишна претстава за најмалите.