Бетонски ѕидини, бензиски станици, трговски центри - урбаната мафија го уништува Скопје

Што му се случува на Скопје? Градежно силување наместо просторно разубавување! Граѓаните алармираат, експертите предупредуваат. Но, кој ги слуша? 

Бетонски ѕидини, бензиски станици, трговски центри. Градежната експанзија во Скопје зема сѐ поголем замав. Дел по дел се запоседнува секоја слободна зелена површина на која никнуваат огромни станбени комплекси. Веќе и да нема уличка во поширокото централно подрачје каде не се издигнува , или се подготвува да се издигне бетонско здание пошироко, подолго и повисоко од соседните. Овој тренд, кој веќе стана и правило, не запира, туку напротив, уште повеќе засилува.

Граѓаните алармираат дека процесот на урбано разубавување одамна е претворен во градежно силување. Експертите пак предупредуваат на опасен тренд кој предизвикува ненадоместливи штети врз животниот простор.

Урбанистичкиот хаос не е само типичен за Скопје, туку и за градовите во внатрешноста. Во битката за профит за сметка на урбанистичкиот ред, надлежните ги игнорираат предупредувањата на експертите и апелите на граѓаните.