Бектеши: Од 20 отсто инфлација дојдовме на 0.1, мерките за замрзнатите цени ќе важат до крај на февруари

Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека инфлацијата на храната и пијалоците е падната на 0.1 отсто во споредба со 20 отсто колку што изнесуваше и се надоврза дека мерките за замрзнување на цените ќе продолжат да важат и во февруари месец.

- „Јас мислам дека е најдобро да се разгледаат извештаите од Заводот за статистика и она што го почувствувале потрошувачите во нашата држава. Во истиот период минатата година имавме над 20 отсто инфлација во делот на храната и 14 отсто за алкохолните и безалкохолните пијалаци, а денеска зборуваме за инфлација од 0,1 отсто во делот на храната и пијалаците и вкупна инфлација во нашата држава која веќе е стабилизирана на не повеќе од 3,5 отсто. Затоа и одлучивме да ја продолжиме мерката до крајот на февруари, со цел да му се даде простор на Собранието да може да го усвојат новото законско решение за нефер трговски практики“, рече Бектеши.

Со донесените измени на постојата одлука, на предлог на Министерството за економија, се продолжува ограничувањето на цените до 29 февруари 2024 година наместо до 31 јануари 2024 година за определени видови основни прехранбени производи, и тоа: ориз, брашно, леб и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни производи.