Бектеши ќе дели ваучери од 300 евра за одмор на семејства со примања до 50.000 денари

Од понеделник во Министерството за економија за ваучер за одмор во вредност од 300 евра ќе може да се пријават семејствата чиј месечен буџет е 50.000 денари. Ваучерите ќе може да ги искористат во домашните угостителски објекти, кои се на листата на Министерството за економија, но надвор од сезона. Министерот Крешник Бектеши вели дека главна цел на оваа мерка е да им се овозможи одмор на лицата со ниски примања, а во исто време да им се помогне на туристичките центри да работат и надвор од туристичката сезона.

„За оваа мерка се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари, или околу еден милион евра, за над 3.500 ваучери. Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица што се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари, што значи една просечна плата и една минимална плата. Потврдата за одмор на работници со ниски примања ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб-страницата на Министерството за економија. Потврдата за одмор на работници со ниски примања ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година“, рече министерот Бектеши.

Тој ги повика семејствата со ниски примања да ги следат објавите на веб-страницата на Министерството, каде што ќе бидат објавени детали за потребната документација.

Од Министерството очекуваат овој повик да ги надмине предвидувањата и очекувањата оти од ковид-кризата оваа мерка придонела за континуирано зголемување на бројот на домашни и странски туристи.