Беким Сали: Меџити очајно ја трга одговорноста од себе за модуларните болници

Потпретседателот на Алтернатива и поранешен министер за здравство, Беким Сали смета дека неодамнешните критики околу трагичниот инцидент на модуларната амбуланта во Тетово бараат јасен и одговорен одговор од актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити.

„Тој наместо да се занимава со суштинското прашање зошто ивршиле исплата на компанијата „Брако“ за несреќната модуларна амбуланта во Тетово, го насочува вниманието кон периферните работи, со очаен обид да ја тргне одговорноста од себе. Факт е дека јас како поранешен министер за здравство прифатив прием и предавање на модуларните амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и Лисиче, но овие амбуланти беа подложени на ригорозни процеси за проверка на квалитетот под мој надзор за да ги заштитам. Но, главна информација за него и за јавноста е дека се воздржав од било какви плаќања кон фирмата „Брако“ поради тековните истражни постапки од страна на обвинителството и утврдувањето на неправилности од внатрешната ревизија“, вели Сали и додава:

„Ревизијата беше готова неколку недели пред моето разрешување, а судскиот епилог веќе во времето на министерување на Фатмир Меџити. Како и тој сам тврди, последниот прием и предавање на крајниот корисник, Здравствен Дом Скопје, на гореспоменатиот објект сум го овозможил ден пред моето разрешување. Да не бев сигурен во одлуката, имав можност да ја избегнам“, истакнува Сали.

Според Сали загриженоста на јавноста, е во тоа што  Меџити одлучуѕва да продолжи со исплата кон наведената компанија и покрај горенаведените црвени знамиња.

„Дали би можел Меџити да одговори јавно, имајќи пред себе извештај од ревизија која укажува на неправилности и судски процес кој што е во тек, како успеал да се мотивира за да побара исплата за таа фирма без да се расчистат овие околности?! Не само што е од суштинско значење да се разбере зошто се извршени овие плаќања за модуларните амбуланти во Тетово, туку и дали тој и неговата партија извлекле несоодветна корист од таквите трансакции?! Транспарентноста и отчетноста во ова прашање се императив за да се обезбеди довербата на јавноста во активностите на владата“, прашува Сали.

Вели дека Меџити вчера зборуваше за долг кој што треба да го плаќаат граѓаните.

„Според неговите тврдења, како резултат на нереализирана исплатата граѓаните се должни кон „Брако“. Истиот тој Меџити, кој завчера како реакција од истражувањето на ИРЛ, се бранеше дека не исплатил ниту еден денар а веќе е во 9-от месец од својот мандат. Понатаму, бидејќи министерот води евиденција за мојата работа, сакам да му укажам дека мојата посветеност за подобрување на здравствениот сектор останува евидентна преку опипливи достигнувања. Клиничката болница во Тетово и Универзитетот во Тетово можат да потврдат за чекорите што ги направивме за време на мојот мандат. Инициравме и реализиравме проекти од опремување на сите болници, исправка на позитивната листа на лекови по повеќе од една деценија запоставување. Овие проекти сами по себе доволно зборуваат за нашата посветеност за унапредување на здравствениот систем и за подобрување на здравјето на граѓаните. После ова се наметнува прашањето дали Фатмир Меџити во своето портфолио има барем 2 проекти кои се негови, ама лично негови, или сеуште за неговата неспособност му е крив „поранешниот министер“?! Министре, оставете ги веледрогериете и системот Соравиа и позанимавајте се малку со работа! Верувам, во тој случај дека би можеле нешто да постигнете. Но, најважно од се, министре, е да се осврнете на централното прашање, наместо да го заобиколите прашањето – трагичната загуба на животи и распределбата на јавните средства не бараат ништо помалку од сеопфатен и директен одговор“, стои во фејсбук објавата на Сали.