АРМ денеска купи 14.000 униформи

Министерството за одбрана денеска објави известување за склучен договор за јавна набавка на 14.000 комплети воено-теренска униформа.

По цена од околу 840.000 евра, АРМ до крајот на март треба да добие комплети од капа, палто и панталони изработени по нејзина спецификација. Набавката, чиј главен критериум била најниската цена, ја добила фирма од Штип, а платното и униформите ќе ги изработи фирма од Истанбул, Турција, како подизведувач, стои во договорот.

Министерството за одбрана огласот за оваа набавка го распишало на 18 септември, а сите пријавени биле обврзани да достават примероци за утврдување на квалитетот.

Набавката на униформи е дел од категоријата „стоки и услуги“ за која Министерството за одбрана догодина ќе има 30 милиони евра. Со тие пари војската треба да купи и чизми, храна, резервни делови, да плати обуки и школувања на припадниците на АРМ. Тоа е една од поголемите категории во армискиот буџет за 2019 година, кој, како што во ноември најави министерката за одбрана  Радмила Шекеринска, е за третина поголем од годинешниот.