Апасиев: Елитата на коњ, народот на магаре!

Македонија го слави Илинден, а кон Крушево синоќа тргнаа две коњаници.

Со традиционалната „Илинденски коњички марш 1978“ пристигнуваат функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Втората, пак, е со поддржувачи на СДСМ и ја предводи генералниот секретар Миле Зечевиќ.

Еден од најголемите македонски празници, ќе се одбележи со политичка и општествена поделеност, особено по прашањето за уставните измени.

Заедно со традиционалната коњаница се и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, како и претседателот на патриотскиот институт на партијата, Александар Пандов.

- „Како се вика кога СДСМ ќе се качат на коњи за Илинден? Се вика: Готово е, ситно бројат! Откога разнебитија се, ќе продавале демагогија. Памети народот кога возевте точаци до Мечкин Камен и ги остававте коњаниците цел саат на сонце да чекаат во прашини и песоци со полициски коридор како спремни за Голи Оток. Памети народот кога чудни ‘новинари’ блуеја најниски гадости за тоа кој кого јавал. Ја памети добро народот реченицата:‘Чуму идентитетот кога немате пари!’ Се памети народот…Касно е СДСМ, готово е“, напиша Мизрахи за славењето на Илинден на Мечкин Камен од страна на функционерите на СДСМ.

Од СДСМ не вратија. Тие само објавија фотографии со информација: „Коњички марш на младите социјалдемократи заедно со генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски до споменикот кај месноста Слива близу Крушево, во чест, слава и почит на македонските востаници и нивното јунаштво при одбрана на Крушевската Република. Слава им! За многу години Илинден!“.

Свој коментар даде и лидерот и пратеник од Левица, Димитар Апасиев објавувајќи фотографија со магаре.

„Елитата на коњ, народот на магаре“, напиша тој.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе биде на скопското Кале. Шефот на државата, Стево Пендаровски ќе го одбележи во Пелинце со српска делегација предводена од тамошниот претседател, Александар Вукиќ. Собранискиот спикер Талат Џафери ќе биде на Мечкин Камен. Претседателот на ВМРО-ДПННЕ, Христијан Мицкоски, ќе го одбележи денот во Ташмаруништа каде оди традиционално, но и на Мечкин Камен каде најавил присуство.