Андреј Ал-Асади добитник на наградата „Енхалон“

Песната „Куклици“ на македонскиот автор Андреј Ал-Асади е добитник на наградата „Енхалон“, за најдобра песна од млад автор прочитана на Струшките вечери на поезија.

Според жири-комисијата во состав Елена Пренџова, претседателка и Игор Трпчески и Биљана Стојановска, членови, станува збор за песна со цврста структура.

– „Куклици“ претставува т.н. заумна поезија, станува збор за песна со цврста и стегната структура и силна звучност. Стихот е вешто граден, распореден во строго формирани строфи, а звучноста е комбинација од мајсторски рими, алитерации, асонанци и внатрешно-стиховни созвучија креирани во духот и менталитетот на јазикот. Ваквата структура на песната наметнува соодветна интерпретација, која пак упатува на визуелизација на стиховите во умот на слушателите, стои во образложението на жири-комисијата.

Песната на Ал-Асади, како што е наведено, ни кажува дека станува збор за поет-мајстор на стиховите, кој длабоко ја осмислува и обмислува својата песна до совршенство.

Во избор за наградата учествувале повеќе песни од млади и етаблирани македонски поетеси и поети со изграден впечатлив авторски потпис.