Поетски читања и омажи на вториот ден од Струшките вечери на поезијата

Со поетски  омаж на добитиникот на „Златниот венец“ за 2020 година, Амир Ор, денеска во предворјето на црквата „Света Богородица“ во Калишта, продолжува 61. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

На летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе се одржат портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година – италијанскиот поет Џерардо Мазучи и Зоран Анчевски.

На програмата се и традиционалните поетски читања „Кругови“, како и „поетско кафе“ со поети од платформата Версополис.

Во рамките на програмата се и вечер на национална поезија посветена на хрватска женска поезија, како претставување на книгата Антологија на поезија и музика.

Меѓународната поетска манифестација беше отворена синоќа, со палење на фестивалскиот оган на терасата во хотел „Дрим“ и поетското читање „Меридијани“.

Годинашниот лауреат Шунатро Таникава поради поодмината возраст (91 година) не присуствува физички, а „Златниот венец“ во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку. На манифестацијата присуствува и лауреатот од 2020 година – израелскиот поет Амир Ор.

На Струшлите вечери на поезијата присуствуваат над 20 поети од странство и 30-ина од државата, а годинашното издание се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“.

Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде в недела, на 28 август на Мостот на поезијата, со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“,„Браќа Миладиновци“ и наградата „Мостови на Струга“ која Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга.