113 години од раѓањето на најхуманата скопјанка

Денеска се одбележуваат 113 години од раѓањето на Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу). Таа е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица „Поп Кочина” број 14, која што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија. 

Инаку, од  вчера па се до 5. септември во Скопје ќе се одбележуваат „Деновите на Мајка Тереза“. 

Градоначалничката Данела Арсовска вчера ја отвори манифестацијата “Денови на Мајка Тереза“ која е дел од богатата културна понуда во градот во пресрет на кандидатурата на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

На настанот се отвори и изложба на мозаици во Спомен куќата на Мајка Тереза на улицата Македонија, на тема „Мајка Тереза - од Скопје до Калкута”, чиј автор е Изет Зеќири, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ Скопје.

- Хуманите дела на нашата скопјанка Мајка Тереза како и нејзините пораки за љубов, мир и солидарност секогаш да се поттик за секој од нас. Да се биде човечен со грижа за оние на кои тоа им е најпотребно е наша секојдневна мотивација и приоритет, истакна денеска градоначалничката Арсовска.

Настаните во рамки на „Деновите на Мајка Тереза“ се организирани по повод канонизацијата односно прогласувањето на Мајка Тереза за светица, и истите се во Спомен куќата на Мајка Тереза.