Изложба во чест на Мајка Тереза во Државниот архив

Државниот архив на Република Северна Македонија денеска во просториите не НУ Музеј на Македонската борба – Скопје, ја претстави изложбата „Мисионерка на милосрдието – Спомените за Мајка Тереза во Државниот архив“. Станува збор за фотографии, дописи, документи и други работи поврзани со Мајка Тереза кои не биле објавени досега, а посебен е акцент е ставен на нејзината носталгија кон Скопје.

– За Државниот архив ангажманот за овој проект пред се претставуваше предизвик и задоволство, затоа што имаме можност да дадеме придонес за споменот што го чува меѓународната заедница за оваа светица, истакна директорот на Државниот архив, Емил Крстески, на отворањето на изложбата.

Додаде дека 25 години од смртта на Мајка Тереза, повторно остануваат недоречености за нејзиниот живот што се, како што посочи, безвременски и возвишени.

Авторката на изложбата, Јасмина Дамјановска, истакна дека преку изложбата на 16 паноа со повеќе од стотина документи и фотографии се прикажува се што се поседува во архивска документација за семејството Бојаџиу, за Гонџа Бојаџиу – за Мајка Тереза во соработка со бројни институции и поединци.

– Целта ни беше да ја видиме Гонџа токму овде во Скопје односно Мајка Тереза, па така додека истражувавме ја видов меѓу своето потесно и пошироко семејство, меѓу своите соученици во рамки на Католичката црква „Исусово срце“ и меѓу католичките верници, меѓу своите потомци, меѓу своите сограѓани и родното Скопје кое од 1970 до 1986 го посети во четири наврати и секој пат се повеќе почитувана, ја видов меѓу своите мисионерки на милосрдието, ја затекнав и на прагот на нејзините почетоците во Даблин, во Бенгал, Калкута итн., рече Дамјановска.

На отворањето на изложбата присуствуваше и Алоис Гомбар, потомок на Мајка Тереза, кој ги раскажуваше спомените со Мајка Тереза, нејзиното заминување од Скопје во млади години, прекинувањето на контактот со семејството, за едниот од двата крста кој таа го чувала до последните мигови од нејзиниот живот.

– Имавме еден крст, едниот беше за Мајка Тереза едниот беше наш и пред да добие инфаркт тој беше скршен, а во Скопје го донесе сестрата што ја заменуваше. Го донесе во мојот дуќан и јас го поправив, го пратив и со тој крст си замина, почина со нејзините дела што ги знае целиот свет.

Изложбата на фотографиите и документите за споменот на Мајка Тереза со наслов „Мисионерка на милосрдието – Спомените на Мајка Тереза во Државниот архив“ ќе трае до 13 септември.