Тошковски: Приведени се две лица во врска со пукањето во Арачиново

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека се приведени две лица во врска со пукањето во Арачиново.

„За жал, од страна на одредени политички функционери во рамки на оваа држава се демантираат работи кои што никогаш не биле кажани ниту од мене ниту од страна на мојот тим, ниту од страна на Кабинетот на министерот за внатрешни работи. Вчера беше посочено дека одредени осомничени лица се приведени во врска со предметниот настан. Многу е важно при соопштување на одредени информации во јавноста да се користат точни и прецизни поими“, посочи Тошковски.

Министерот посочи дека едно од лицата кое е приведено претходно било барано со потерница. Тој додаде дека се превземаат оперативни дејствија од страна на службите во МВР.

„Не би сакал да говорам во детали кои што би можеле да загрозат каква било истрага и многу внимавам кои поими и кои термини ги користам и ги замолувам сите надлежни во рамки на сите институции кои што даваат информации во јавноста, да го сторат истото. Апелирам да се постапува согласно упатствата на Јавното обвинителство, односно да се внимава што се зборува во јавноста, се со цел да не се наштети на истрагата“, рече Тошковски.