„Телеком Арена“ подготвена за инспекцијата на УЕФА

Градот Скопје со низа активности се подготвува да ги пречека  туристите што ќе го посетат градот за Суперкупот.

ФФМ ќе ја координира „Трофеј турата“ и во повеќе места во Македонија ќе бидат претставени највредните пехари на УЕФА, на Лигата на шампионите, Лигата на Европа и секако на Супер купот. Турнејата ќе почне на 1 август и во наредните неколку денови пехарите ќе бидат изложени во 9 градови во Македонија, односно  до 8 август истите ќе бидат изложени во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и Скопје. Покрај ова, ФФМ ќе организира и голем број натпревари за најмладите фанови, кои ќе се одржуваат на мини терени што ќе бидат поставени во градовите каде што ќе бидат изложени пехарите.

Градот и преку промотивно видео  се претстави пред туристите, канејќи ги на вкусен ајвар, силно кафе и чај низ Скопската чаршија....

Воедно организација на Град Скопје е целосното брендирање на градот, а деновиве и скопското Кале ќе светне во сината боја на Супер Купот.

Во организација на Град Скопје е и организирањето на т.н. „неутрална фан зона", како и точките на поаѓање на навивачите кон стадионот.Неутралната фан зона е лоцирана на Плоштадот Македонија и на истата ќе се организираат голем број активности за посетителите од сите возрасти.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работат на терен на просторот околу Градскиот Парк и централното градско подрачје, на одржување на зеленилото и чистотата, чистење и одржување на Кејот на Реката Вардар, како и одржување и поставување на нова урбана опрема, во вид на клупи и корпи за отпадоци. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ работат на чистење и одржување на хигиената, каде изминативе денови интензивно со луѓе и механизација се чистеше просторот околу арената „ Телеком Арена “ и централното градско подрачје.