ИНТЕРВЈУ СО СЦЕНАРИСТОТ НА ЕДНА ОД НАЈПОПУЛАРНИТЕ ДЕТСКИ СЕРИИ

Татјана Гогоска: Во минатото децата растеа со „Дајте Музика“, а денес растат со турски серии - тоа создава лоши генерации

Дајте музика е серијалот со кој израснаа неколку генерации, а децата имаа модели на позитивна идентификација, каде преку игра, забава и песна се испраќаа пораки до сите кои беа пред малите екрани. За жал, новите генерации го немаат тој благодет да растат со „Дајте музика“, „Во светот на бајките“, „Големи и мали“, „Умни глави“ и уште голем број на други серии за деца и возрасни. За тоа како било во минатото, дали било тешко да се добие простор на малите екрани за квалитетна програмска содржина, како е напрвен серијалот „Дајте музика“, зошто новите генерации се изолирани од квалитетна образовна програма и растат со турски серии и ѕвездите на гранд, разговаравме со сценаристот и идејниот творец на серијалот „Дајте музика“, како и на многу други тв серии, м-р Татјана Гогоска.

Скопје Инфо: Серијалот „Дајте Музика“ е една од најпознатите серии за деца емитувана на нашите екрани, па доколку се вратите повеќе од две децении наназад, како дојде до идејата за Дајте Музика и како се започна?

Татјана Гогоска: Серијата „Дајте музика„ ,нејзините две продолженија од по 10 епизоди (1993, 1995 година), стана програма за деца со трајни вредости со оглед на тоа што повеќе од две децении многу генерации растат со неа. Овој разговор е мој флеш бек во едно убаво, креативно и плодно време во тогашната МТВ, кога се создаваа програми, играни серии, музички, документарни, забавни, образовни, односно се создаваше квалитетна  продукција за деца, млади и возрасни, која пред се беше многу гледана. Гледаа и деца и возрасни, како што велевме ние, од 3 месеци оние кои само ја препознаваа музиката и боите на екранот до 80 годишни луѓе, кои уживаа со настаните што се случуваа со децата, секој враќајќи се во своето детство барем за миг. Инаку, се почна со една идеја на снимање на тогашниот многу популарен фестивал за деца „СИ-ДО“ во Битола кога нашата екипа седеше после снимање, а понесени од музиката на фестивалот јас им реков, ајде да направиме нешто како Рокенрол клинци, ама прилагодено за нас и така почна. Ние во првата серија како МРТ продуциравме нови 60 песни за деца и ги зедовме најдобрите од тогашните фестивали.

Скопје Инфо: Тешко ли беше да се пишува сценарио прилагодено за повеќе возрасни категории, а притоа да биде испратена некоја порака која понатаму низ животот би им значела на тие деца?

Татјана Гогоска: За мене беше голем предизвик, затоа што тоа беше моја прва играна серија и плус музичка. Дотогаш пишував сценарија за емисии, прилози, разговори, но ова беше нешто друго и сериозно го сфатив предизвикот. Сите коцки се спојуваа полека, дојде врвната шпица по наслов и текст на Васил Пујовски, потоа режисерскиот дел, децата од Драмското студио на МРТ кои беа извонредни таленти. На мој предлог во младите влегоa Рубенс, Мартин и Марко, се прилучи и Весна Петрушевска,  изборот на најголемото дете падна на Снежана Коневска и резултатот со многу работа и целосна посветеност на цела екипа и сите што учествуваа во проектот е видлив со децении.

Скопје Инфо: После која епизода сфативте дека целта е погодена и дека улиците се празни кога на телевизија се емитува „Дајте Музика“?

Татјана Гогоска: Веќе после третата епизода. Гледачите ни се јавуваа секој понеделник, да ни упатат пофални зборови бидејќи им дадовме нешто ново и свежо. Им понудивме програма која со радост ја гледаше целото семејство, а децата имаа модели на позитивна идентификација со нашите прекрасни, Оливер, Трајче, Наташа, Сара, Марија и сите други изведувачи и балерини. Местото беше смислено како „скриено катче„ кое сите деца го сакаат, а тврдам дека и денешниве деца истото го сакаат. Не се виновни, кои се само дома, на таблети и мобилни, виновни се родителите кои не ги анимираат доволно и не им посветуваат време, виновни се институциите, виновни се медиумите. Сите освен децата.

Скопје Инфо: Сметате ли дека таквата почит исчезна кај новите генерации со исчезнувањето на образовните програми наменети за деца?

Татјана Гогоска: За жал, квалитетните програми за деца и млади ги нема одамна. Веќе после 2003-тата година целосно замре продукцијата, таа се сведува на приватни продукции кои тоа го прават импровизирачки и без соодветен ефект. Почитта и односот на младите кон постарите беше вметната категорија, многу вредна од секој растечки аспект од нашите мајки, татковци, баби. Тоа сакавме да го наметнеме кај децата затоа што тоа е многу добро. Сега тоа го нема, затоа што како што спомнав медиумите немаат моќ за градење вредности кај младите, семејството по трка за опстанок и пари е во колапс, маалото, улицата не постои и децата се се повеќе во затворени кругови уште од рано детство. Им останува трчањето од еден курс на друг или евентуален тренинг. Сето ова јас го истражував и напишано е во мојата книга „Телевизијата и емоциите кај децата“, која излезе 2010-та година. Во 2009-та година кога го завршив истражувањето, во книгата на крај давам насоки како да избегаме од таа состојба и да почнеме да создаваме програми за деца, како семејството да се организира, како образовните институции да се организираат, но до ден денеска после осум години состојбата е уште полоша.

Скопје Инфо: Во серијалот се појавуваат глумци и пејачи, беше ли тешко во тоа време да се убедат познатите личности да се појават во програма за деца и млади?

Татјана Гогоска: Воопшто не беше тешко, туку напротив со задоволство прифаќаа. Децата уживаа, но уживаа и возрасните. Незаборавни се моментите на снимање со Владо Јаневски, Тања Станковиќ, Драган Каранфиловски – Бојс, Ристо Самарџиев, Дарио и други. Во секоја епизода имавме по еден возрасен пејач и тоа беше супер, а имаше и пејачи и автори кои сами бараа да направат песна и да ја испеат во некоја од епизодите.

Скопје Инфо: Денес е се поинаку, па новите генерации растат со шпански и турски серии исполнети со насилство и неморал, со ѕвездите на гранд, утрински емисии во кои се слушаат најпогрдни зборови, а за жал ниту една образовна програма на телевизиите, зошто е тоа така?

Татјана Гогоска: Ова е најболното прашање и состојба за мене. Пред седум години ја напуштив МРТ со горчина и една од големите причини беше тоа што таа веќе не беше мојата МТВ во која се работи  и сe создава. Тие програми беа и сеуште за жал се најневажниџ, работат колку нешто да се има, кратко, несодржински. Играни серии нема, документарни нема. Само во тој период од 1994 до 2003-та година, во програмите каде јас бев вклучена добивме осум Меѓународни награди за програми за деца и млади. Бевме присутни на три континенти, едноставно кажано работевме квалитетно. За гледањето на децата на турски, тоа е зло кое има многукратно значење кај децата. По многу истражувања за психолошкиот развој на децата, клучните години кои понатаму се рефлектираат во животот се 4-тата година и осмата. Токму затоа имаме агресивни, несредени и несреќни млади луѓе. Вирусот на музичките програми од Ѕвезди на Гранд, Пинк ѕвезди и ѕвездички, оние кои децата од мали ги прават возрасни, е многу опасен. За жал со години е така, а државата преку институциите и професионални луѓе треба тоа да го среди.

Скопје Инфо: Преку образовни програми децата учат вредности кои ги применуваат во текот на целиот живот, сметате ли дека изолацијата од квалитетна образовна програма влијае негативно во развојот и однесувањето на децата?

Татјана Гогоска: Апсолутно. Децата го немаат моделот на позитивна идентификација која ќе го следи. Мојата генерација бевме таа на која „Волшебното самарче“, „Булки крај шините“ и „Белото циганче“ ни беа модели, а потоа дојдоа „До-ре-ми“,  „Шарам-барам“, „Бушава азбука“, „Дајте музика“, „Во светот на бајките“, „Умни глави“, „Големи и мали“, „Сезаме отвори се“, „Чирибу чириба“, „Светот има осум страни“. Во 1998 година како уредник на Програмата за деца и млади во МОБ пред Нова година промовиравме 8 серии за деца и млади во една година. Децата имаа модели со кои позитивно се идентификуваа, растеа и се радуваа. Сега тоа не постои, сега децата имаат виртуелни игри, Покемон, Драгонбол, мобилни апликации со многу насилство кој се модел на сегашниве деца.

Скопје Инфо: Постои ли надеж во Вас дека во скоро време образовната програма ќе се врати на “старите“ патеки и ќе излезе од медиумскиот мрак?

Татјана Гогоска: Во 2009-тата година напишав „Ако сега се почне за три години ќе дојдеме до позитивна нула и ќе тргнеме нагоре“. За жал, поминаа осум години, а ние сме уште подолу. Сепак, бидејќи никогаш не е доцна, треба некој да реши да ги ангажира луѓето како мене што знаат, кои првенствено треба да обучат млади во вистински насоки и со вистински вредности. Потоа да се направи структура па тогаш да почне да се полни со квалитетна содржина. Тоа е подолготраен процес, но секако вреди да се почне и човечки е да се надеваме дека работите ќе се подобрат. Моето мото е „ништо не очекувам, а ако се случи нека бидам пријатно изненадена“,