Интервју со политикологот Иво Ранѓеловиќ: Предизборието во државава наликува на еден ниско-буџетен филм

Македонија „живее“ во духот на предизборитето во пресрет на изборите за претседател на државата и пратеници во Законодавниот Дом. 

Медиумите, социјалните мрежи, градовите и селата се исполнети со промотивни материјали на политичките парии, како и средби и настани. Граѓаните повторно пред одлука за идината на земјава. 

За актуелните преизборни случувања, како и за иднината разговараме со политикологот Иво Ранѓеловиќ. 

Во пресрет на двојните избори во земјава, несомнено како прво се наметнува прашањето – Какви избори очекувате? Во однос на реториката, каков е вашиот став? Дали досега се држи некое ниво на политичка дебата во пораките кои ги праќаат главните политички актери во изборите?

Одамна не очекувам - малите очекувања носат и мали разочарувања. Предизборието во државава наликува на еден ниско-буџетен филм исполнет со лоша глума од страна на политичките претенденти и уште полоша публика која навидум ја цени глумата, а всушност ракоплеска за евентуален личен интерес, работно место и генерален спас. Ваквите социополитички практики ја прават неизбежна црната кампања, која се темели врз најниски навреди помеѓу кандидатите, наместо да преовлада критичкото надмудрување со цел општествено закрепнување, па и развој.

Во едно интервју велите уживате во политиката, поточно во нејзиното следење, коментирање, анализирање... Како на наједноставен начин би ја опишале политиката во земјава со оглед дека имаме неколку големи политички партии кои, грубо речено, се менуваат на власт, потоа со оглед на честите политички кризи и на крајот со оглед дека речиси сѐ зависи од политичкиот дискурс во земјава?

Кога велам уживам во политиката мислам на нејзината моќ да го пресоздава светот и да го контекстуализира нашето постоење. Ова што се случува кај нас не е политика, односно не е цивилизациска придобивка од политичката уметност. Напротив, ние живееме во еден континуиран грч, имун на емпатија и разум, а посветен на преживување наместо живеење. Левитирајќи во агонична состојба наоѓаме комфор. Сѐ повеќе мислам дека никому не одговара социо-економски развој, ниту на политичарите ниту на граѓаните. Таквата пресвртница би била преголем ризик за општество кое во личниот интерес гледа животна филозофија. Веројатно затоа и се вртиме во круг со едни исти ликови, партии, политики…

Кампањата е во тек и се чини дека сѐ е веќе видено. Како го коментирате концептот „од врата до врата“ со понуда од пенкало, запалка, промотивен материјал... Бараат поддршка или пак одат кај граѓаните да ги слушнат нивните проблеми и потреби?Дојден ли е моментот да се надмине тоа?

Кампањата е одговор или адаптација на апетитите на граѓанството. Тука сендвич менува глас, така што пенкалата и запалките се своевиден луксуз. Ваквиот политички маркетинг не е екслузивен во Македонија, но разочарувањето е што не сведочиме на некакво надградување низ текот на времето. Да му тропнете на народот на врата, го гледате во очи и ветувате нешто што е однапред осудено на неуспех поради фаворизирање на вашиот личен интерес е еднакво на современ метод да уништите нација.

Во однос на иднината на земјава. Ќе продолжи ли Македонија по европскиот пат и со каква динамика ќе се одвива тој процес? Што навистина од европските вредности ни фали, и колку ќе биде тешко да се имплементираат тие вредности кај нас? Што не треба да прифатиме/примиме од Европа?

Голема е веројатноста Македонија да продолжи по европскиот пат, но не толку поради кохезивноста на таа одлука колку што европскиот курс е всушност наметнат. Најголемата вредност која ни недостасува, иако не знам дали е европска, е нашиот однос кон нештата, кон другиот, кон животот. Не ја гледам желбата да ги преиспитуваме нашите животни одлуки, да се надмудруваме и да се бориме. Се е сведено или оставено на милоста и надежшта, а предизвикот заборавен. Под такви околности ќе имаме исклучително тежок период дури и на формалната интеграција кон ЕУ. Она што сепак сметам дека треба да го изоставиме е нашиот комплекс на инфериорност при делување во сите сфери на унијата, особено во време кога постоечкиот светски поредок е на залез.

Во однос на меѓународната политика – Има ли опасност конфликтот меѓу Русија и Украина да стигне до Балканот? Какви закани има по земјава во тој поглед?

Поголем непријател на Балканот и Македонија од војната во Украина сме самите ние. Нашиот животен курс и навики, нашиот однос кон околината и институциите се легитимна закана за опстанокот на државата. Оној грч кој го споменав погоре и натаму се храни со тезата дека светот нѐ мрази и ни ги сервира сите неправди. Време е да се соочиме самите со себе, бидејќи геополитичките динамики кои се случуваат во моментов ни даваат единствена шанса да го најдеме нашето место под сонцето, покрај сите историски голготи на овој народ и ова парче земја.