Интервју со младата докторка Емилија Јакимовска: На денешницава, гневот и разочараноста се огледало на нашиот здравствен систем

Незадоволството од здравствениот систем во земјава како да стана секојдневие! Прстот повторно е вперерен во државата која не прави доволно за „здрав“ и стабилен здравствен систем од кој ќе бидат задоволни пациентите, но и вработените. 

Старите маки и проблеми со кои се соочуваат младите лекари во земјава ги споделува и младата доктрока Емилија Јакимовска. 

Во интервјуто разговараме за фактичката состојба во здравството и положбата на младите лекари во земјава, но и како понатаму, што треба да се промени за да имаме достоинствен здравствен систем на кој ќе може да се потпреме! 

Вие сте дипломиран лекар по општа медицина од неодамна. Како прво се наметнува прашањето - Кои се вашите идни планови? Вработување и/или доедукација во земјава или можеби надвор од границите?

Да, како што кажавте, јас сум дипломиран доктор по општа медицина од неодамна и нормално како и секој млад доктор по завршување на студиите се прашувам за мојата иднина. Пред се, би сакала да нагласам дека мојата поврзаност со Македонија е посебнa и навистина би сакала мојата кариера не само да ја започнам, туку и да ја завршам во сопствената држава. Што се однесува на доедукацијата, сметам дека можностите секогаш треба да ни бидат отворени. Може да се доедуцираме и тука, но и надвор од границите на државата и со тоа до донесеме некое ново искуство кое може да помогне за подобрување на нашиот здравствен систем и македонската здравствена заштита.

Македонија се соочува со одлив на мозоци. Кој е вашиот став на оваа тема во однос на лекарите и медицинските лица? Дали сепак приходот е пресуден или/и достоинството? Каква е состојбата кај вашите колеги од генерацијата?

За жал, ова прашање носи голема вистина во себе. Секојдневно сме сведоци дека голем број на здравствени работници ја напуштаат нашата држава. Нормално дека покрај приходот важно е и достоинството. Сме посветиле голем дел од нашата младост на едукација и цел живот се доедуцираме за да помагаме и спасуваме животи, но условите кои ни се нудат (ненавремено започнување со платена пракса, ниски плати, партизација на здравството, вработени со години со договор на дело, милион бирократски процедури) си го земаат данокот и ги потценуваат трудот и желбата на здравствениот работник да остане тука и да допринесе за македонското здравство.

Има ли простор за гнев, разочараност од родната земја што не прави повеќе напори да ги задржи квалитетните?

На денешницава, гневот и разочараноста се огледало на нашиот здравствен систем. Во овој контекст сакам да дадам поддршка на колегите, приватните специјализанти кои, замислете, немаат здравствено осигурување, немаат работен стаж и се со многу ниски примања. Државата не смее да дозволи експлоатација на докторските умови, напротив треба да се погрижи за похумани услови за работа и доедукација со цел да се редуцира апатијата која веќе зазема епидемиски размери. Мора да се случат позитивни промени во системот и мора да постои можност за напредок и во сопствената држава.

Повеќе од очигледно е дека кај луѓето, односно пациентите расте револтот од здравствениот систем во земјава. Лекарите несомнено се дел од тој систем, но со оглед на политизираноста на општеството често се немоќни пред некои неправди. Дали сметате дека луѓето со право се револтирани и често сме сведоци на напади кон лекарите?

Да, навистина е така. Револт постои и кај пациентите, но и кај лекарите. За жал, посебно во помалите градови, не само што постои дефицит на кадар, туку недостасува и соодветна апаратура за преглед, дијагностика и третман. Ова предизвикува револт и кај лекарите и кај пациентите. Мора да се работи на подобрување на здравствените политики, да се формираат повеќе тимови на итната служба во помалите градови, да има поголема достапност на соодветни апарати за дијагностика и соодветни опции за третман, односно поголема достапност на здравствени услуги за пациентите во сопственото место на живеење. На тој начин сметам дека би се намалил револтот и незадоволството како кај пациентите така и кај лекарите.