Мојот однос со Скопје е доста комплициран, вели фотографката со мрачен и драматичен сензибилет - Интервју со Ерина Богоева

Твори повеќе од една деценија, а за својот фотографски сензибилитет ќе рече дека е мрачен, драматичен, сензуален... Ерина Богоева е млада „мајсторка на фотографијата“, кој живее и работи во Скопје. 

За фотографиите на Ерина, велат дека токму тие „секвенци од нејзиниот објектив“ ја тераат публиката да не може да го отргне погледот, долго и одново да се загледува, да си го одмора погледот и да ја бара приказната во секој уметнички детаљ...

А, како таа лично ја доживува својата работа, како го доживува Скопје, и за уште некои други теми разговараме лично со Богоева во денешното интервју! 

Ќе ве вратам неколку години наназад кога бевте добитничка на наградата „13 Ноември" за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)".  Имаше најава за продолжение на оваа монографија. До каде е таа идеја?

Продолжението на монографијата малку затаи заради пандемијата, но се работи на него последнава година. Како еден приказ од тоа што следува ми беше изложбата „Македонската Архитектурална Скулптура“ која се одржа во МКЦ во октомври 2023, поддржана од Министерството за Култура. Во неа ги разгледував архитектуралните дела што ги имаме низ целата држава. Преку тоа истражување сфатив дека имаме многу што да покажеме низ целата држава, а ретко сме свесни за тоа.

Како го оценуваш Скопје за фотографирање? Што е она што најмногу му е привлечно на твоето „фотографско око“, а се однесува на Скопје?

Мојот однос со Скопје е доста комплициран, дури и само на визуелен план. Има многу што градот да понуди, но толку е веќе загушен што некогаш едноставно не ми е ни малку привлечен. За жал, тој тренд на гушење масовно продолжува и не знам до каде ќе стигне. Кога се чувствувам вака „мрачно“ кон Скопје, иснпирацијата си ја барам назад го убавината на брутализамот на ПТТ Центарот, студентскиот дом „Гоце Делчев“, железничката станица, Музејот на Современата Уметност и таквите места.

Кога би може да избереш со само една фотографија да го прикажеш Скопје пред светот која би била таа?

Тоа е тешка задача, но мислам дека би била нешто од градбите што ги набројав погоре. Иако имам доловено доста стрит фотографии кои можеби би го доловиле духот поубаво, сепак мислам дека архитектурална фотографија би била поуникатна. 

Претпочиташ да фотографираш и жени, имаше и изложба на таа тема, а гледаме и голем број на фотографии од убави и моќни жени на кои е ставен твој потпис. Каква треба да биде една фотографија на која е прикажана жена? Можеби ќе ни наведеш неколку жени кои псоебно те инспирирале да ги „врамиш“ низ објективот?

Немам преференца за пол за фотографирање, само жените се обично похрабри, па повеќе сакаат да се фотографираат, во мое искуство. Верувам дека секоја фотографија во коа моделот (жената) е опуштена и своја е одлична фотографија. Ако тие што ги фотографирам се опуштени пред мене и ми веруваат, тогаш знам дека фотките ќе бидат успешни - без разлика дали тоа се професионални модели, актерки, или луѓе кои не се често пред објективот. Ретко ми се случува да не најдам инспирација во некој што треба да го фотографирам, но најлесен рапор сум имала со Наталија Теодосиева, Ксенија Николова и Емилија Мицевска. Со нив три знам дека што и да смислиме, ќе оствариме без проблем.

Што планирате следно? Некој нов предизвик за фотографирање кој ве „мами“?

Моментално спремам свое студио, така што тоа ќе ми е новиот предизвик. И секако втората монографија на која работам.

Кога би можеле да го опиште вашиот фотографски сензибилитет во три збора, кои би биле тоа?

Мрачен, драматичен, сензуален.

Она што е акуелно е инфлуенсерството, и дел од него се оние фотографии кои ги објавуваат инфлуенсерите. Како го оценувате нивниот квалитет, идеја, уметност...со оглед дека станува збор и за амтерски фотографии? Или со други зборови има ли убави фотографии кога ќе „скролате“ низ Инстаграм?

Некои инфлуенсери работат со професионални фотографи и тоа се гледа. Мислам дека тој тип на фотографија ретко може да се класифицира како уметничка (иако има и такви) но, може да дојде под гранката на модна фотографија (кога се прави правилно). Има разлика помеѓу обмислена фотографија и обичен snapshot од облека/производ. Што не го осудувам ни второто, и тоа е сосема во ред понекогаш. На Инстаграм се трудам да следам профили кои имаат поврзаност со фотографија на некој начин,така што, кога скролам низ Инста алгоритамот веќе го знае тоа и често можам да најдам и инспирација таму.

Каде се релаксирате во Скопје? Омилено место? Што ви пречи најмногу во Скопје, а на што се гордеете?

Ќе почнам од тоа дека најмногу ми пречи непланското ширење на Скопје. Кога веќе го тргнавме тоа на страна, има доста места на кои можам да наполнам батерии, ама тие многу себично ги чувам за себе. Паркот е убав во секое време од годината и саботните денови во Дебар Маало ми се од поомилените работи во Скопје. Во последно во Скопје сум најмногу горда на малите но, силни нови места кои се отвораат- како кафе книжарницата „Илика“ во СФ паркот, карши Соборна. Таквите места влеваат надеж за иднината на градот.