Скопска Црна Гора в недела ќе стане Света Гора

Лековитите води во скопското село Раштак, в недела ќе добијат уште поисцелителна моќ. Тоа ќе го почувствуваат стотици скопјани кои празникот Голема Богородица ќе го поминат на изворот Тополче, каде годинава, по шести пат, ќе се одржи голем народен собир.

- Поканети се сите граѓани да дојдат на нашата верска манифестација која иако не е древна, туку почна да се одржува уште од пред неколку години, ќе ја предадеме во наследство на нашите внуци. Сакаме сите да ја почувствуваат енергијата на ова свето место кое исцелителната моќ ја добило од лековитиот извор кој лекува очобол со помош на дарбата на чичко Никола, вели универзитетскиот професор Светлана Јакимовска.

Нејзиното семејство е дел од Црковниот одбор кој го уреди целиот простор и иницијатор на традиционалната верска манифестација на која секоја година, бројот на посетители се зголемува.

Легенда: Чичко Никола: Господ да ги благослови сите верници кои спасот си го бараат од раката на мајка Богородица!

Собиралиштето во Раштак ќе биде околу чешмата, која изминативе неколку години е облагородена благодарение на помошта на неколкумина верници кои се излекувале од изворската вода и која може да прерасне во црковен комплекс, но само ако Општината дозволи плацот околу чешмата од околу илјада квадрати да се размени со половина хектар црковно земјиште над патот.

Мештаните велат дека ова е навистина свето место. Раскажуваат дека кога се градел новиот пат водата секнала, изворот се изгубил.

- Но, не помина долго, по некоја година патот пропадна за осумдесетина сантиметри. Се појави светата вода. Тогаш водата да се насочи и се изгради потпорен ѕид - раскажува чичко Никола.

Светите води на Тополче и годинава, на Голема Богородица, ќе ги собере верниците од сите страни на градов и пошироко. А раштани велат, мајката Божја, која е заштитничка на Скопје, оттаму свети и го чува.